Elena Teslova
16 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, денес изјави дека униполарниот свет е завршен и дека специјалната воена операција на Москва во Украина ја означила ерата на премин на мултиполарна структура, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Московската конференција за меѓународна безбедност 2022 година, Шојгу рече дека на Русија не ѝ е потребно нуклеарно оружје за да ги постигне воените цели во Украина и дека воената доктрина на земјата јасно ги дефинира случаите на употреба на нуклеарно оружје, а тоа се вонредните околности што го загрозуваат постоењето на државата.
Според зборовите на Шојгу, Западот ја обвинил Русија за непостоечки закани со цел да го одвлече вниманието од забранетите воени биолошки истражувања во Украина.
Шојгу им се заблагодари на Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст за деполитизираната соработка во Украина.
Рускиот министер изјави дека руската „специјална воена операција“ го натерала НАТО „да ја открие својата вистинска природа“, дека Алијансата престанала да се „крие“ зад зборовите на „одбранбениот карактер“ и отворено ги формулира своите основни документи, проширувајќи ги своите интереси во Африка и Блискиот Исток и Азија-Пацификот.
Шојгу тврди дека настаните во Украина се разумна основа за влез на Финска и Шведска во НАТО, потсетувајќи дека двете земји се приближуваат до таа организација со години.
Тој предупреди дека распоредувањето на северноатлантските сили и оружје во скандинавските земји ќе предизвика контраакција на Москва.
Шојгу ја критикуваше Организацијата за безбедност и соработка во Европа за нејзиниот пристрасен пристап кон Русија, нагласувајќи дека телото е создадено како платформа за дијалог.
Рускиот министер за одбрана рече дека посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на „делумно признатата држава Тајван“ претставува провокација, оквалификувајќи ја како „чекор насочен кон дестабилизација“ на ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион.
Шојгу рече дека сојузот АУКУС (троен воено-безбедносен пакт меѓу англосаксонските држави Австралија, Велика Британија и САД) може да се претвори во „азиско НАТО“, што значи нови предизвици за Русија на нејзиниот регион Далечен Исток.
Тој рече дека и покрај сите обиди, западната доминација станува минато.
„Додека Западот оди во крајност во настојувањето да ја сочува глобалната хегемонија, ситуацијата во светот останува напната“, изјави Шојгу.
Тој рече дека „руската специјална воена операција“ во Украина ставила точка на западната хегемонија во светот и дека ќе биде потребно извесно време за да се приспособи мултиполарниот поредок.
„Мултиполарниот свет е реалност на денешницата. Преминот од доминација на еден глобален лидер во неколку центри на привлечност не е лесен, но создава реални услови за развој на суверени држави“, рече Шојгу.