Şenhan Bolelli
09 Мај 2025•Ажурирај: 10 Мај 2025
МАДРИД (АА) - Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека колку што е можно поскоро до Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ќе ја достават нацрт-резолуцијата во врска со израелската блокада на Газа, известува Анадолу.
Албарес разговараше со новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ што се одржа во Варшава, главниот град на Полска.
Тој изјави дека ги презеле сите чекори во врска со иницијативата за поднесување нацрт-резолуција до Генералното собрание на ОН во врска со настаните во Газа, што ја објави шпанскиот премиер Педро Санчез во текот на неделата и дека се сретнале со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа, по што ги направиле последните измени во нацрт-резолуцијата.
„Блокадата врз Газа мора да биде прекината за да може да стигне хуманитарна помош, а Палестина да остане неутрална и независна држава“, истакна Албарес и побара од сите да заземат јасен став тоа да се спроведе.
Изјавувајќи дека се обидуваат да го унапредат решението за две држави, за кое веруваат дека ќе донесе дефинитивен мир и стабилност на Блискиот Исток, Албарес рече:
„Израел има обврски на окупираните територии, а продолжувањето на хуманитарната блокада на Газа е целосно неприфатливо и мора да ѝ се стави крај. Поважно од кога било е Европа да го крене својот глас против она што се случува во Газа.“