Ekip
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
ОВИЕДО (АА) - Посмртните останки на Гонзало Кеипо де Љано, генерал на Франко, кои беа погребани во базиликата „Макарена“ во Севиља пред 71 година, ексхумирани се на полноќ, по усвојувањето на Законот за историско помнење, што го донесе левичарската коалициска Влада на Шпанија, за да се пресмета со периодот на диктаторот Франциско Франко, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според законот кој стапи во сила во октомври, започна процесот на отстранување на посмртните останки на генерали и министри од ерата на Франко, кои се погребани во важни цркви во Шпанија
Еден од првите транспорти на посмртните останки е на Кеипо де Љано, за кого се смета дека е одговорен за стрелање на повеќе од 45.000 луѓе во текот на ерата на Франко.
Посмртнтие останки на Кеипо де Љано, неговата сопруга Џеновеве Марти и на уште еден генерал, Франциско Бохоркез Весина, кои беа погребани во базиликата „Макарена“ во Севиља, по полноќ се ексхумирани и префрлени на семејните гробишта.
„Гонзало Кеипо де Љано е погребан со почести пред 71 година, а беше директно одговорен за смртта на 45.000 луѓе во јужната шпанска регија Андалузија во текот на Шпанската граѓанска војна“, вели истакнатиот историчар Пол Престон.
Кеипо де Љано го предводеше воениот удар во Севиља во 1936 година и нареди масовно убивање на илјадници луѓе во градот, каде што имаше неколку битки. Жртвите се закопани во околу 700 масовни гробници.
Се проценува дека во Севиља, во една од масовните гробници каде што моментално во тек е ексхумација, се наоѓаат телата на околу 1.300 негови жртви.
Историчарите истакнуваат дека меѓу жртвите на Кеипо де Љано се и ценетиот шпански драматург и поет Фредерико Гарсија Лорка и Блас Инфанте, политичар познат како татко на андалузискиот национализам.
Во своите дела, Престон го нарекува Кеипо де Љано „психопат на југот“, „чудовиште“ и „убиец“.
Во текот на ноќта се ексхумирани и посмртните останки и на сопругата на Кеипо де Љано и на генерал Франциско Бохоркез Весина, кој бил негова десна рака и ги потпишувал смртните пресуди.
Откако минатиот месец беше усвоен новиот Закон за историско помнење, кој има за цел жртвите на ерата на Франко да добијат правда, шпанските власти напишаа писмо во кое бараат ексхумацијата да се направи „што е можно побргу“.
Според новиот закон, ќе следуваат уште ексхумации, вклучувајќи ги и телата на жртвите закопани во масовните гробници и други десничарски лидери, како што се Хозе Антонио Прима де Ривера, основачот на фашистичката група „Ел фаланга“.