Mohammad Sıo
02 Септември 2024•Ажурирај: 04 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Израел во тек е штрајк со цел да се изврши притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху веднаш да постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа и размена на заробеници со палестинската група Хамас, известува Анадолу.
Работничката организација Хистадрут започна штрајк за засилување на негодувањата во јавноста за да се овозможи размена и ослободување на заложниците што се држат во Газа.
Според израелскиот јавен сервис КАН, штрајкот брзо се проширил низ целата земја по масовните протести во неделата навечер.
Околу 770.000 Израелци излегоа на улиците во градовите, вклучително и Тел Авив, барајќи итна акција на Владата.
Со еднодневен штрајк Хистадрут сака да го покаже своето незадоволство од начинот на кој израелската Влада се справува со заложничката криза.
Како одговор, израелската Влада побара од Врховниот суд да го откаже штрајкот, објави „Хаарец“.
Штрајкот го погоди и главниот транспортен центар во земјата, меѓународниот аеродром „Бен-Гурион“, каде што летовите беа прекинати два часа утрово.
Затворањето, од осум до десет часот по локално време, би можело да има подолги ефекти врз патувањето во текот на целата недела.
Претставниците на воздухопловството предупредија дека дури и краткото затворање би можело да го наруши распоредот на летови до 72 часа.
Извори на Хистадрут рекоа дека аеродромот може да остане затворен уште неколку часа, иако не е донесена конечна одлука.
Израел проценува дека Хамас сè уште држи повеќе од 100 заложници во Газа, а се верува дека некои веќе се мртви.
Со месеци Соединетите Американски Држави (САД), Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за да обезбедат размена на затвореници и прекин на огнот и да се дозволи хуманитарната помош да влезе во Појасот Газа. Но напорите за посредување се заглавени поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.
Израел ги продолжува своите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот.
Во израелските напади досега се убиени речиси 40.700 Палестинци.