Seda Sevencan
02 Септември 2024•Ажурирај: 02 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес изврши нов ракетен напад врз главниот град на Украина, Киев, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Точниот број на жртви и штетите не се познати“, објави Серхи Попко, шеф на градската управа за вонредни служби во Киев, кој рече дека во нападот биле употребени десетици проектили и беспилотно летало.
„Податоците за штетата и жртвите се уште не се прецизирани. Единиците на итната помош се упатени кон местото на настанот“, објави државната новинска агенција Укринформ.
„Руските трупи извршија уште еден ракетен напад врз Киев. Нападот беше комбиниран - со крстосувачки и балистички ракети. Крстосувачките ракети ( Кх-101) најверојатно биле лансирани околу 3 часот по полноќ од стратегиските бомбардери Ту-95МС од регионот Саратов во Руската Федерација“, додаде Попко.
Според Попко, украинските сили за противвоздушна одбрана успеале да уништат повеќе од десетина крстосувачки ракети, десетина балистички ракети и беспилотно летало во воздушниот простор на главниот град.
Тој рече дека остатоците од проектилите паднале во градските квартови Холосивски, Свијатошински, Днипровски и Шевченкивски.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека медицинските тимови го истражуваат бројот жртви во квартот Шевченковски. „Повикавме и медицински лица во квартовите Свјатошински и Шевченковски. Сите служби се на пат“, рече тој.
„Делови од ракета паднаа во квартот Свјатошински. Четири автомобили се во пламен. Зграда гори во областа Холосивски“.
„Во квартот Свјатошински, остатоци паднаа на магацин. Во пламен е и квартот Шевченковски. Сите служби работат на терен“, додаде градоначалникот.
Кличко спомена и дека котларницата во Холосивски била делумно уништена, а стаклото на влезот на метро станицата Свјатошин е делумно оштетено.