Behlül Çetinkaya
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
ИСЛАМАБАД
Како резултат на шумски пожари, во провинцијата Хајбер Пахтунхва, во Пакистан, изминатата година се уништени 1,2 милиони дрвја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералниот директорат за шумарство, животна средина и природен живот соопшти дека поголемиот дел од изгорените 1,2 милиони дрвја се засадени со проектот „Една милијарда дрвја“ во последните 5 години.
Во соопштението се истакнува дека продолжува истрагата во врска со пожарите и дека од пожарите е предизвикана штета од 27 милиони пакистански рупии (околу 170 илјади долари).
Исто така, во соопштението се нагласува дека пожарите се зголемени во споредба со претходните години. Според тоа, во 2018 - 2019 година во вкупно 139 пожари уништени се 1.735 хектари шума, а оваа бројка во периодот помеѓу 2015 - 2018 година се менувала од 400 до 1.400 хектари.
- „Проект за една милијарда дрвја“
Проектот инициран од Владата на провинцијата Хајбер Пахтунхва во 2014 година, имаше за цел подобрување на шумите на површина од 350.000 хектари на 28 локации и создавање нови шумски површини.
Проектот, кој заврши минатата година, беше инициран од пакистанското Движење за правда (PTI), тогашна власт во провинцијата, и насочен кон борба против глобалното затоплување, зачувување на дивиот свет и подобрување на екосистемот.
Откако Движењето за правда (PTI) минатата година дојде на власт во целата земја, премиерот Имран Кан наложи проектот да се прошири низ целата земја под името „Проект за 10 милијарди дрвја“ и „Засади дрво за Пакистан“. Проектот започна во септември и се планира да трае 5 години. На отворањето на проектот беа засадени 1,5 милиони дрвја.