Ekipa
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, го нарече каталонскиот обид за отцепување „катастрофа“, повторно потврдувајќи ја поддршката на Европската Унија (ЕУ) на единствена Шпанија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Каталонија е огромна грижа. Не ми се допаѓа ситуацијата што ја предизвика. Тоа е катастрофа“, изјави Јункер за шпанскиот весник „El Pais“ (Ел Паис).
Претседателот на Европската комисија му порача на поранешниот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон дека каталонските сецесионисти „не смеат да ја потценуваат широката поддршка која шпанскиот премиер Маријано Рахој ја ужива во Европа“.
Шпанија се соочува со најголемата институционална криза во последните 40 години, откако во каталонскиот регионален парламент на 27 октомври, со тајно гласање беше прогласена еднострана независност од Шпанија.
Владата на Рахој ја распушти сепаратистичката влада во Каталонија и повика на вонредни регионални избори на 21 декември.
Јункер смета дека изборите би можеле, и би требало да ја подобрат ситуацијата.