Ekipa
22 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
МЕЛБУРН (AA) - Германскиот тенисер Миша Зверев го приреди досега најголемото изненадување на турнирот Австралија Опен, кога во осминафиналто го исфрли првиот играч на светот Енди Маре, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зверев, 50. играч во светот, успеа да го совлада петкратниот финалист на Австралија Опен со 7:5, 5:7, 6:2, 6:4 во мечот кој се одигра во арената Род Лавер во Мелбурн.
Германецот досега во својата кариера не освои ниту еден АТП турнир, а во четвртфиналето ќе игра против подобриот од мечот меѓу Федерер-Нишикори.
Да потсетиме, и шесткратниот шампион на Австралија Опен, Новак Ѓоковиќ, го заврши настапот на овогодинешното издание на првиот Гранд Слем турнир уште во второто коло. Него го потисна 117. тенисер во светот, Узбекистанецот Денис Истомин.
Ова е првпат од 2002. година, првиот и вториот тенисер во светот да не успеат да стигнат до четвртфиналната фаза од натпреварувањето.