Doga Kirmizioglu
30 Декември 2016•Ажурирај: 01 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Португалскиот фудбалски менаџер Џорџ Мендес изјави дека за фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, од Кина пристигнала понуда од 300 милиони евра, и дека таа понуда е одбиена без размислување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мендес, кој е менаџер на португалскиот репрезентативец Роналдо, на прес-конференцијата во Дубаи потврди дека за Роналдо е понудена астрономска сума.
„Кинески клуб чие име не сакам да го откријам, за Роналдо понуди да плати отштета од 300 милиони евра. Исто така, на Роналдо му е понудена и годишна плата од 100 милиони евра, вклучувајќи и премии“, изјави Мендес, но, додаде дека понудата е одбиена без размислување
„Не е сѐ во парите. Реал Мадрид за Роналдо претставува живот и во тој клуб е среќен, така што не е можно тој да замине во Кина“, изјави Мендес.
Тој додаде дека Кина многу брзо влегла на фудбалскиот пазар, дека може да купи голем број играчи, но Роналдо сепак не се наоѓа на таа листа.
Кинескиот клуб Шангај Шенхуа вчера во своите редови го доведе Аргентинецот Карлос Тавез (32), а нему за две сезони во клубот ќе му бидат исплатени 84 милиони долари. Тавез со тоа стана и најплатениот фудбалер во светот.