Dejan Maksimovic
01 Август 2017•Ажурирај: 01 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Антонио Конте, менаџерот на Челзи, смета дека неговото засилување во нападот, Алваро Мората, уште не е доволно физички подготвен, пренесува Anadolu Agency (AA).
По турнејата во Азија, каде што Челзи одигра три натпревари против Арсенал, Баерн Минхен и Интер, Конте истакна дека најпознатото засилување на клубот мора да напредува кога станува збор за физичката кондиција.
Мората доби шанса во два натпревари на турнејата, а како што сега стојат работите во „Cоmmunity Shield“ (Англиски Суперкуп) против Арсенал на 6 август на Вембли, шпанскиот фудбалер би можел да остане на клупата.
„Мората штотуку започна да тренира со нас. Ќе мора да ја поправи кондицијата за да може што побрзо да се адаптира на тимот. Тој добро работи, но имаше само пет дена. Тој се труди и дава сѐ од себе, но мора да ја подобри физичката кондиција“, изјави Конте за британските медиуми.
Мората во Челзи пристигна од Реал Мадрид за околу 72,5 милиони евра, и потпиша петгодишен договор.
Освен за кралскиот клуб играше и за Јувентус. Во националниот тим на Шпанија одигра 20 натпревари и постигна девет гола.