Mutlu Demirtaştan
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ЛОНДОН (АА) - Шефот на стручниот штаб на Челзи, Антонио Конте, ги негираше тврдењата на британските медиуми кои пишуваа за неговото наскоро заминување од клубот и додаде дека таквото неодговорно однесување на медиумите му штети на клубот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Секојдневно се шпекулира за мојата иднина во клубот. Ниту една таква вест не е точна. Тука сум две сезони и сметам дека заслужувам малку поголемо почитување. Лично немам проблем со тоа што секоја недела читам дека Челзи е во преговори со некој друг тренер, но таквите лажни вести негативно влијаат врз играчите“, им порача Конте на британските медиуми.
Истакнувајќи дека е посветен на својата работа и дека работи најдобро што може и знае, италијанскиот експерт додаде дека се надева оти оваа сезона ќе го повтори минатогодишниот успех.
„Се обидуваме да го подмладиме тимот бидејќи тоа е важен процес за тимовите како Челзи. Во фудбалот на сите им е познато дека секому треба да му се даде време и дека резултатите од добрата работа ќе стигнат. По договорот, уште една година сум во Лондон и сакам исклучиво да размислувам само за играта, играчите и за клубот“, рече Конте.
Конте, минатата сезона го доведе Челзи до титула во Премиер лигата, а по 18. коло оваа сезона Челзи се наоѓа на третото место со 14 бодови зад Манчестер Сити.