Dejan Maksimoviç
18 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
ЛОНДОН (АА) - Мохамед Салах, одличниот фудбалер на репрезентацијата на Египет и Ливерпул, наскоро ќе може да се пофали со сопствен експонат кој ќе биде изложен во египетската колекција во Британскиот музеј во Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
Салах беше импресивен оваа сезона, во којашто досега постигна 44 гола во сите натпреварувања. Од нив, дури 32 ги даде во Премиер лигата на Англија, со што го постави новиот рекорд по бројот на погодоци, и го сруши претходниот кој со по 31 погодок го држеа Алан Ширер и Луис Суарез.
Во Британскиот музеј ќе бидат изложени неговите копачки во кои ќе игра на финалето на Лигата на шампионите на 26 мај во Киев против Реал Мадрид.
„Копачките ја раскажуваат приказната за модерната египетска икона која настапува во Велика Британија со вистинско глобално влијание. Оваа аквизиција се заснова врз нашиот најнов проект во кој ќе купуваме предмети кои зборуваат за секојдневниот живот на Египет во 20-от и 21-от век“, изјави за британските медиуми музејскиот изложувач Нил Спенсер.
Салах, освен одличните игри во Ливерпул, имаше и клучна улога во репрезентацијата на Египет, која успеа да се квалификува на Светското првенство во Русија, за прв пат по 38 години. „Фараоните“ ќе играат на Светското првенство во групата „А“ со домаќинот, како и со селекциите на Саудиска Арабија и Уругвај.