Dejan Maksimoviç
04 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
МАНЧЕСТЕР (АА) - Немања Матиќ, фудбалскиот репрезентативец на Србија и првотимец на Манчестер Јунајтед изјави дека Жозе Мурињо и понатаму е еден од најдобрите тренери на светот, без оглед на големиот број критики што се упатени кон него во последно време, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јунајтед под водство на Мурињо имаше лош старт во Премиер лигата на Англија. По воведната победа над Лестер следуваа две бледи изданија и тешки порази од Брајтон и Тотенхам, поради што јавноста почна да шпекулира за негово заминување од Олд Трафорд. Но, на гостувањето против Барнли, „црвените ѓаволи“ заиграа како што се очекува од нив и славеа со 2 : 0, и на тој начин ја смирија ситуацијата.
„Беше особено сигурен пред натпреварот и нè подготви многу добро. Знаевме каде би можеле да ни создаваат проблеми со долгите топки. Затоа Маруан Фелаини играше блиску нашата одбрана, за да ги спречиме долгите топки. Мислам дека тој настап покажува како треба да играме фудбал и дека сè уште можеме да се бориме за титула“, изјави Матиќ за британските медиуми и додаде:
„Секако, Мурињо знае што прави на прес-конференциите. И вие веројатно го знаете тоа. Тоа е добро и за нас. Тој е еден од најдобрите тренери на светот. Знаеше што сè има освоено во кариерата, тоа се покажува“.
Во неделата Матиќ ги одигра првите 90 минути од оваа сезона, откако се опорави од повредата на абдоминалниот ѕид.
Манчестер Јунајтед по четирите одиграни кругови во Премиер лигата зазеде десетто место со шест поени, додека на врвот се Ливерпул, Челзи и Ватфорд со 12 поени.