Doga Kirmizioglu
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Аргентинскиот фудбалерски ас Лионел Меси зборуваше со пофални зборови за својот најголем ривал, фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, со кого честопати е споредуван, јавува Anadolu Agency (AA)
Меси зборуваше за кинеските медиуми, при што нагласи дека ривалството меѓу него и Роналдо трае со години, и оти во таа конкуренција ниту еден друг не би можел да биде вклучен.
„Само јас и Роналдо сме подготвени за оваа конкуренција и борбата ќе продолжи меѓу нас“, вели Меси.
Истакнувајќи дека Роналдо е голем фудбалер, Меси рече: „Секоја сезона се трудиме да го дадеме максимумот за нашите клубови. Роналдо е мошне квалитетен фудбалер и е еден вид феномен. Тоа го знае секој и затоа е еден од најдобрите фудбалери во светот“.
Исто така, 29-годишниот фудбалер се осврна на минатата сезона и рече дека таа била неуспешна за нив. „Оваа година, покрај нашите напори, не бидна, го освоивме само трофејот на Кралскиот куп на Шпанија. Се надеваме дека другата сезона ќе помине подобро. Новата сезона треба да биде подобра од изминатата. Нашата цел е да ја освоиме титулата во Шпанската лига, како и во Лигата на шампионите“, нагласи Меси.
Аргентинскиот репрезентативец повтори дека неговата најголема цел е да ја заврши фудбалската кариера во Барселона.
Двајцата фудбалери во последните 9 години не дозволија некој друг да ја освои титулата за најдобар фудбалер, која ја доделува ФИФА. Во текот на овој период, Меси петпати ја освои оваа титула, а Роналдо четирипати. Роналдо, кој оваа година со Реал Мадрид ја освои титулата во Лигата на шампионите, како и во Ла Лига, е фаворит за титулата „Најдобар фудбалер“ за оваа година.