Admir Fazlagic
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Националната арена „Филип Втори“ го промени своето име и од денеска ќе се вика Национална арена „Тоше Проески“, одлучи Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна седница, пренесува Anadolu Agency (AA).
По почетокот на постапката за преименување на најголемиот стадион во Северна Македонија, Владата на оваа земја одлучи да го именува по познатиот македонски пејач Тоше Проески, кој на 26-годишна возраст загина во сообраќајна несреќа во 2007 година кај местото Нова Градишка во Хрватска.
„Утрово на редовната 129. седница на Владата донесовме одлука за преименување на стадионот во Национална арена „Тоше Проески“, во чест на личноста која остави траен белег на македонската и регионалната современа историја“, соопшти на социјалната мрежа Твитер, портпаролот на Владата на Северна Македонија, Миле Бошњаковски.
Најголемиот стадион во земјата, познат како Градски стадион, во 2009 година беше преименуван во Национална арена „Филип Втори“. Во периодот од 2016 до 2017 година го доби и името „Телеком Арена“, по добиеното спонзорство од Македонски Телеком.