Bakir Tiro
02 Јуни 2024•Ажурирај: 04 Јуни 2024
ЛОНДОН (АА) - Фудбалерите на Реал Мадрид се победници на УЕФА Лигата на шампиони за сезоната 2023 / 2024 година, известува Анадолу.
Во финалето што се одигра синоќа на стадионот „Вембли“ во Лондон, Реал Мадрид ја совлада Борусија Дортмунд со резултат 2:0.
Во погоелмиот дел од првото полувреме екипата на Борусија Дортмунд беше подобар тим. Германскиот претставник имаше неколку изгледни можности да постигне погодок, од кои најдобрата беше во 23. минута кога Никлас Фулкруг ја погоди стативата. Во првото полувреме Реал немаше упатено ниту еден прецизен удар кон голот на Борусија, а најдобар поединец во редовите на кралскиот клуб беше голманот Тибо Куртоа, кој неколкупати одлично интервенираше и ја спаси сопствената мрежа. Првиот дел од средбата заврши без постигнат погодок и на полувреме се замина со резултат 0:0.
Реал Мадрид во второто полувреме заигра подобро и поодлучно го нападна голот на „милионерите“. Тоа беше тврд натпревар, тактички дициплиниран, но и покрај тоа отворен, со можности и од двете страни.
Моментот на одлука се случи во 74. минута, кога корнерот за Реал Мадрид од левата страна го изведе Тони Крос. По извонредниот центаршут најдобро пред голот на Грегор Кобел се снајде Дани Карвахал, кој со удар со глава ја смести топката во мрежата на Борусија и на Реал му донесе водство од 1:0.
Девет минути подоцна натпреварот веќе беше решен. Одбраната на Борусија направи голема грешка пред сопствениот гол, по што топката дојде до Винисиус Жуниор, кој го совлада Кобел и ги постави конечните 2:0 за Реал Мадрид.
Во 87. минута Борусија Дортмунд постигна погодок кој за момент им влеа надеж за можен пресврт на средбата, но погодокот беше поништен поради офсајд.
Со оваа победа Реал Мадрид кој го играше своето 18 финале, ја освои 15-тата титула првак на УЕФА Лигата на шампиони.