Dejan Maksimoviç
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
КАИРО (АА) - Фудбалскиот сојуз на Египет објави дека репрезентативецот Мухамед Салах оваа недела ќе отпатува во Шпанија на лекување на повредата на рамото, која ја доби во финалето на Лига на шампионите во кое во сабота неговиот клуб Ливерпул беше поразен од Реал Мадрид со 1 : 3, пренесува Anadolu Agency (AA).
Салах се повреди по половина час игра од натпреварот во судир со дефанзивецот и капитенот на Реал, Серхио Рамос, и мораше да ја напушти играта. Египќанецот кој оваа сезона постигна 44 гола за Ливерпул, сега е во трка со времето за да може подготвен да го дочека светското фудбалско првенство кое на 14 јуни ќе започне во Русија.
„Тоа беше тешка вечер, но јас сум борец. И покрај прогнозите, уверен сум дека ќе бидам во Русија да ве направам горди сите. Вашата љубов и поддршка ќе ми ја дадат силата која ми е неопходна“, им порача Салах на навивачите по финалето на Лигата на шампиони.
Од египетскиот Сојуз нагласија дека одлуката за заминувањето на Салах на третман во Шпанија е донесена по консултациите со неговиот машичен клуб Ливерпул. Се додава дека за време на периодот на лекување во придружба на Салах ќе биде медицинскиот персонал на англискиот клуб, и дека со рехабилитацијата започнал уште во недела.
Египет првиот натпревар на Мундијалот во Русија ќе го игра на 15 јуни против Уругвај. На СП кое ќе се одржи од 14 јуни до 15 јули, во групата „А“ ривали на Египет ќе му бидат уште домаќинот Русија и Саудиска Арабија.