Hülya Çorakçı Ertan
16 Април 2017•Ажурирај: 17 Април 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, му честиташе на турскиот народ на референдумската одлука и поддршка на предлогот за уставни реформи кој претходно помина низ парламентарната процедура, и порача дека оваа уставна промена е важна, со оглед дека прв пат во историјата на Република Турција со рака на граѓанската политика се менува системот на водење на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според неофицијалните резултати, со околу 25 милиони гласови 'за', односно со разлика од околу милион и 300.000 гласови прифатени се уставните промени” , изјави Ердоган и додаде:
„Без оглед на тоа кој како гласал, им се заблагодарувам на сите кои излегоа на гласачките места и ја извршија својата граѓанска должност”.
Нагласувајќи дека народот на Турција денес донел одлука за политичкиот систем кој е предмет на дискусија веќе 200 години , Ердоган изјави дека тоа не е обична одлука, туку дека тоа е важна одлука за промена на системот.
„Секогаш е лесно да се брани постоечкото, а тешко да се брани правилноста на новото. Ние, фала му на Бога, го успеавме ова тешко”, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека турскиот народ со денешното гласање на референдумот уште еднаш ја покажал својата зрелост, и донел историска одлука.
Тој додаде дека ова е победа на цела Турција.
„Како што и денес по гласањето реков, овие уставни промени не се било какви промени. Ова е различно и има посебно значење. По прв пат во историјата со волја на парламентот и нашиот народ направена е ваква значајна промена. Претходно нашите устави и системи на водење на државата се одредувани во вонредни ситуации како Војната за независнот или во периодот на државни удари. Ние по прв пат во историјата на нашата Република во потполност со рака на граѓанската политика го менуваме системот на водење на државата. Во таа смисла тоа е многу важно”, порача Ердоган.
Тој истакна дека неговата земја по референдумот го продолжува својот пат на прогрес и дека во иднината ќе направи уште поголеми чекори.
По прес-конференцијата, Ердоган се обрати и на насобраните граѓани во истанбулската населба Саријер.
Претседателот Ердоган изјави дека по гласањето престои нов период, при што пред промените за Претседателскиот систем да станат правосилни секој оној кој ќе сака да застане зад раководството на таа држава треба да излезе пред народот со силна подготовка.
„ Заврши гласањето и расправите за време на тој процес останаа во минатото, но пред нас има еден нов период. Како што е познато, сите членови за промена на уставот не се веднаш правосилни. Посебно промените за Претседателскиот систем, ќе станат правосилни на претстојните парламентарни избори планирани за 3. ноември 2019 година. До оваа дата, пред нас има многу работи што треба да се сработат. Затоа што, секој кој ќе сака да застане зад раководството на оваа држава на 3. ноември 2019, ќе треба да излезе пред нашиот народ со силна подготовка. Веќе, само со слогани и злоупотреба на некои вредности не е можно да се биде избран за претседател на оваа држава и да се превземе раководството. За да го добиете срцето на народот, покрај ваков став, треба да имате збор кој ќе го кажете за во иднина, да имате проект кој ќе го спроведете или проектирани инвестиции. На друг начин невозможно е да добиете резултати на претседателски избори ”, изјави Ердоган.
Претседателот Ердоган во прилика на своето обраќање се заблагодари на поддршката, и повторно се осврна и на прашањето за повторно воведување на смртна казна во Турција.
Ердоган нагласи дека тоа ќе биде прва тема за која ќе разговараат лидерите на политичките партии, од кои Бинали Јилдирим и Девлет Бахчели претходно потврдија дека во парламентот ќе го поддржат тоа прашање.
„Ми се чини дека и Кемал Киличдароглу велеше дека ќе го поддржи тоа прашање, но и ако не го стори тоа, ќе распишеме нов референдум и ќе го прашаме народот", заклучи Ердоган.