Sibel Uğurlu
17 Август 2017•Ажурирај: 18 Август 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за ЕУ предупреди дека неодамнешните разлики меѓу Анкара и Берлин во врска со царинскиот договор не би требало да станат проблем меѓу Турција и ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ниту една земја нема право да им дава упатства на пошироките институции на ЕУ“, изјави денес Омер Челик, осврнувајќи се на неодамнешната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел за прекин на разговорите меѓу Турција и ЕУ во врска со ажурирање на договорот за царинска унија.
Зборувајќи на денешната заедничка прес-конференција во Анкара со британскиот министер задолжен за Европа и САД сер Алан Данкан, Челик ја опиша вчерашната изјава на Меркел како невешта.
Во вчерашното интервју со младите видеоблогери пред изборите во Германија што треба да се одржат следниот месец, Меркел нагласи дека ЕУ нема да влегува во преговори со Анкара за модернизирање на веќе постоечката царинска унија, поради политичките тензии.
Турција има договор за царинска унија со блокот од 1995 година, а неговото ажурирање е еден од клучните приоритети на турската Влада.
Сепак, Челик предупреди да не се дозволи билатералниот спор да стане поголем проблем.
„Резолуциите на ЕУ се одредени со принципи“, додаде Челик. Тој исто така предупреди одделни европски лидери да не носат одлуки што се против основните механизми на ЕУ.
Овие изјави на Меркел дојдоа откако опозициските партии го зголемија притисокот врз владата, барајќи построг тон кон Турција, особено поради неодамнешните апсења на десетина германски граѓани, вклучувајќи новинар и активист за човекови права, поради поддршка на терористички организации.
- Суштинско пријателство -
Британскиот министер задолжен за Европа и САД, Алан Данкан, изјави дека за време на неговата дводневна официјална посета имал можност да ја види штетата на зградата на турскиот Парламент предизвикана за време на неуспешниот обид за државен удар на 15 јули минатата година.

Овонеделната посета на Турција од страна на британскиот министер е петта по ред по неуспешниот обид за пуч.
„Уште еднаш, Обединетото Кралство ги разбира тешкотиите низ кои поминавте за време на обидот за пуч и чекорите кои е потребно да бидат преземени за да се врати безбедноста“, изјави Данкан.
„Доколку ова се случеше во Велика Британија, тоа е еквивалентно на марширање на армиски полк по Вајтхол, пукање во луѓе на мостот Вестминстер, обид да бидат убиени кралицата и премиерот, да го бомбардирање на парламентот и заземање на 'BBC' (Би-би-си)“, рече Данкан.
Изразувајќи жалење во врска со неодамнешните неуспешни мировни преговори за Кипар во Кран-Монтана, британскиот министер го пофали придонесот на Турција и мошне позитивниот став во обидот да се реши долготрајниот конфликт.
Данкан исто така зборуваше за кривичните дела поттикнати од омраза против муслиманите во Европа и го привлече вниманието на муслиманското население од три милиони луѓе во Велика Британија, осудувајќи било какви напади врз заедницата водени од расизам и омраза.
„Тие се целосен и важен дел од нашата заедница и од животот во земјата“, рече тој.