Sevil Çelik
26 Декември 2020•Ажурирај: 27 Декември 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека нема да му се дозволи никому да се испречи на патот кон изградбата на голема и силна Турција, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Нема да дозволиме никому да поставува директни или индиректни препреки на нашата мисија за изградба на голема и силна Република Турција. Борбата што неуморно ја водевме претходните 18 години со поддршка на нашиот народ ја продолжуваме и во иднина“, рече Ердоган во обраќањето преку видеоконференција на церемонијата за отворање на погонот за производство на литиум карбонат во градот Ескишехир.
Нагласи дека Турција, од една страна, се бори против коронавирусот, но дека не ги занемарува ни новите инвестиции, производството и трговијата, додавајќи дека е многу важно да се отвораат нови фабрики, погони и инфраструктурни проекти.
Потсетувајќи дека економиите на многу земји се тешко погодени со пандемијата, Ердоган рече дека Турција сепак успева да отвори нови погони и фабрики, напоменувајќи дека само во декември се започнати бројни инвестиции во секторите за транспорт, култура, земјоделство и одбранбена индустрија.
„Овие несомнено се тешки денови, но воедно и денови кога се препознаваат вистинските и лажните пријатели на нашата земја, но и оние кои ја користат политиката за да му служат на народот или за да остварат лична корист. Ние продолжуваме по патот на служење на народот без да се мешаме во непотребни расправи“, рече Ердоган.
Нагласи дека и покрај сè за Турција ова е многу успешна година, особено на полето на енергетиката.
„Бројот на дупчења што ги реализиравме во Средоземното и Црното Море достигна девет. Како што се вели, тие што бараат и наоѓаат. Затоа нашата земја најпрво доби една од најважните светски флоти за дупчење и сеизмички истражувања. Потоа започнавме со работа и фала му на Бога, конечно ги постигнавме и првите резултати. Резервите на природен гас од 405 милијарди кубни метри, што ги откривме на локацијата Дунав-1 во Црното Море, претставуваат пресвртница за нашата земја. Ова откритие го покажа вистинскиот потенцијал на нашата земја, опкружена со енергетски ресурси“, рече турскиот претседател.
Ердоган истакна дека во наредниот период ќе продолжи со чекорите што се преземаат во областа на енергетиката.
„Со овие откритија, за кои веруваме дека ќе продолжат, сакаме значително да ја намалиме зависноста на нашата земја од природниот гас од странство. Покрај тоа што на нашите граѓани ќе им понудиме природен гас по попристапни цени, со заштедите ќе придонесеме и за намалување на дефицитот на тековната сметка“, рече Ердоган.
Напомена дека Турција сака подобро да ги искористи не само ресурсите на јаглеводород, туку и другите природни и подземни ресурси што ги поседува.
„Преземаме интензивни напори за да го реализираме потенцијалот што го поседува Турција во оваа стратешка област која со години е запоставувана. Во овој контекст, работиме на зголемување на ефикасноста и капацитетот на нашите институции. Дирекцијата за истражување на минерали од 1935 година, кога е основана, за околу 70 години има реализирано само три милиони метри дупчења. Истата институција од 2003 година има направено приближно 7,5 милиони метри дупчења. Со други зборови, во текот на нашето раководство направени се два и пол пати повеќе дупчења отколку во текот на 70 години дотогаш“, рече Ердоган.
Тој, исто така, истакна дека Турција во политичка и економска смисла ќе го оствари сето она што го заслужува во новиот глобален систем.
„Секој настан во нашиот регион и во светот ја потврдува силата и важноста на Турција“, порача турскиот претседател.