Sibel Morrow
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција продолжува со своите активности за елиминирање на преостанатите терористи во северна Сирија, подрачје каде што Турција од 9 октомври спроведува антитерористичка операција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Подрачејто каде што се спроведува операцијата „Извор на мирот“ беше расчистено од терористи... Ги координиравме нашите активности на тоа подрачје со потпишување договори со САД и со Русија. Тие договори се реализираат сега, особено оној потпишан со Русите. Нашите пријатели дење и ноќе ги следат преостанатите терористи во западниот и источниот дел на подрачјето“, истакна Хулуси Акар.
Говорејќи на свеченоста по повод доделувањето воени награди во турскиот град Анкара, Акар посочи на одредени воени случувања во светот и регионот и нагласи дека Турција треба додатно да ја зголеми ефикасноста на Турските вооружени сили.
Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“ на 9 октомври, со цел елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК од северниот дел на Сирија, источно од реката Еуфрат, за да ги осигури турските граници, да придонесе за безбедно враќање на сириските бегалци и за осигурување на територијалниот интегритет на Сирија.
Оттогаш, Турција постигна договор и со САД и со Русија за повлекување на терористичката организација ЈПГ/ПКК од подрачјето на планираната безбедносна зона.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.