Gökhan Ergöçün
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денеска се отвори 5. Светски самит за халал-храна и производи, како и Саемот за халал-производи - храна која е дозволива според исламските прописи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Светскиот самит за халал-храна и Организацијата на исламска соработка (OIC) на 7. по ред Саем за халал-производи собра на едно место водечки компании, високи функционери, експерти, универзитетски професори, научници и студенти од 80 земји од светот.
Додека четиридневниот Самит има за цел да ја подигне свеста за халал-храната со семинари кои се фокусираат на теми поврзани со халал-производите, Саемот, кој претставува најголемиот од овој вид во секторот за халал-храна, од друга страна, го здружи секторот во однос на промовирање на пазарот на халал-производите.
Емре Ете, претседателот на Светскиот самит за халал-храна, на отворањето истакна: „Ние продолжуваме да работиме на зајакнување на пазарот за халал-храна во вредност од 4 билиони американски долари и на свесноста за халал-храната.“
„Самитот има за цел да ја подобри економската солидарност меѓу 2 милијарди муслимани низ светот“, додаде тој.
Исмаил Џебеџи, исламски правен експерт, рече дека владите, регулаторите, научниците и консументите - сите тие се одговорни за халал-стандардите.
„Сета работа на пазарот на халал-храната е неопходна за нашиот живот и иднина“, рече тој.
Ихсан Овут, челникот на Институтот за стандарди и метрологија за исламските земји (СМИИК), рече дека муслиманите сочинуваат над 27 отсто од светската популација.
„Нивните потреби за производи и услуги како што се здравје, храна, козметика, туризам, логистика, фармацевтски производи и финансии, растат“, истакна тој.
Додаде дека постои огромна потреба да се има заеднички стандарди за сите производи и услуги.
И двата настана се одржуваат под покровителство на Претседателството на Република Турција во Истанбулскиот експо-центар „Евроазија“.