Bedrudin Brlyavac
14 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
КОЊА
Оваа година се одбележува 746-годишнина од смртта на истакнатиот суфиски поет и научник Џелалудин Мевлана Руми, а посебно шаренолика културна програма, како и претходните години, се организира во Коња, градот во кој Мевлана живеел и работел подолг период, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на програмата изведен е и мистичниот танц на дервишите, познат и како „небесен танц“, а присутните граѓани на Коња имаа можност да уживаат во единствените и инспиративни движења на познатата дервишка група, која често има и светски настапи.
Со оваа манифестација започна одбележувањето на годишнината од смртта на Мевлана, поетот кој со својата безвременска мудрост и благородна мисла за љубовта и денес го инспирира човештвото.
„Љубовта со невидливо мастило ја пишува вистината за себе, за да нашата душа со очите ги бара срцата на таа празна страница, открие и прочита, мечтаејќи со секоја испишана буква за нејзиното присуство...“ се само некои од далеку познатите зборови на големиот поет.
Познатиот суфиски мистичар, поет и теолог Мевлана починал на 17 декември 1273 година, а неговата смрт традиционално се одбележува со свечена манифестација „Seb-i Arus“ во Коња, која трае 10 дена. Смртта на Мевлана на турски јазик се нарекува и „вуслат“, што во слободен превод би значело негово „враќање кон Господарот“.
Мевлана се смета за еден од најзначајните мистички поети на исламот, кој пишувал на персиски јазик.
Роден е во Белх (денешен Авганистан) на 30 септември 1207 година или на 6 ребиулевел (трет месец од исламскиот календар) 604 година. Неговото родено име е Мухамед. Умира на 17 декември 1273 година.
По смртта на Мевлана, неговите следбеници го основале редот Мевлевии (дервиши што се вртат). Обожавањето на овој ред е во облик на танц чија музика се нарекува сема.