Muhammed Enes Can,Mustafa Hatipoğlu,Hüseyin Kulaoğlu
03 Ноември 2017•Ажурирај: 04 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Казнениот суд во Истанбул денес изрече пресуди за членовите на терористичката организација ФЕТО, а во врска со случајот завера на ФЕТО против движењето „Тахшије група“, јавува Anadolu Agency (AA).
Првообвинет во овој случај, во кој се опфатени 33 лица, е водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, директорот на затворената медиумска групација „Samanyolu“ (Саманјолу), Хидајет Караџа, поранешниот начелник на полицијта, Али Фуат Јилмазер, како и поранешни шефови на полицијата.
Пресудата за процесот кој траеше околу две години ја прочита претседателот на судот, Али Ихсан Хорасан, според којашто Хидајет Караџа е осуден на вкупно 31 година и шест месеци затвор.
Караџа доби 18 години за кривичното дело управување со вооружената терористичка организација, четири години и шест месеци за клевета и девет години за фалсификување документи.
Јилмазер е осуден на 16 години и шест месеци затвор, од кои 12 за членство во терористичка организација и четири години и шест месеци за клевета.
Поранешните шефови на полицијата, Јурт Атајун, Омер Ќосе и Туфан Ергудер, се осудени на 25 години и шест месеци затвор, а тие се прогласени за виновни поради членство во терористичка организација, клевети и за фалсификување документи.
Со оглед на тоа што првообвинетиот Ѓулен и поранешниот шеф на полицијата Мутлу Екизоглу не се сослушани пред судот, донесена е одлука нивните досиеја да се третираат одвоено од ова обвинение.