Hatice Şenses Kurukız,Zeynep Rakipoğlu
04 Јули 2020•Ажурирај: 05 Јули 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека земјата е одлучна во намерата да стане здравствен центар на три континенти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во истанбулскиот кварт Картал денес беше свечено отворена новоизградената Градска болница „Д-р Лутфи Кирдар“, а турскиот претседател Ердоган на церемонијата истакна дека пандемијата на Ковид-19 во светот досега однела речиси 550.000 животи и уште еднаш ја потврди важноста за вложување во здравството и здравствената инфраструктура.
„Сакавме оваа нова болница да биде достојна на убавината на Истанбул, но и посебно да биде отпорна на земјотреси и еколошки ускладена“, рече Ердоган, додавајќи дека во приземјето на болницата се вградени 855 изолатори, што ја прави една од најотпорните градби во градот на Босфорот.
Болницата е комплекс кој се состои од пет објекта кои имаат 302.000 квадратни метри покриен простор, паркинг, конференциска сала, зелени површини и други придружни содржини.
„Оваа болница, според опременоста, спаѓа во редот најпрестижните болници во која планираме годишно да се лекуваат 3,5 милиони пациенти и да се хоспитализираат 150.000 пациенти. Годишно во оваа болница планираме да вршиме по 100.000 оперативни зафати, меѓу кои и операции на карцином. Дополнително ќе изградиме и онкологија со 150 кревети и додатно ќе го прошириме овој комплекс“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција е амбициозна во намерата за развој на здравствените капацитети и инфраструктурата, Ердоган рече дека градските болници во земјата веќе сега се број еден во Европа, а и меѓу најпрестижните во светот.
„Најразвиените земји во светот неподготвени ја пречекаа пандемијата, но ние се водевме според вредностите на сопствената цивилизација и постојано зборувавме и работевме на зајакнување на здравствениот сектор. Турција во борбата со пандемијата влезе со армија од 1.100.000 здравствени работници. Дополнително ја зајакнавме нашата здравствена инфраструктура и капацитетите. Со спроведените мерки успеавме да влеземе во редот на земји со најниска стапка на смртност во текот на пандемијата“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека Турција немала проблеми со недостаток на медицинска и заштитна опрема за време на пандемијата, Ердоган рече дека земјата започнала да произведува и да извезува респиратори и заштитна медицинска опрема низ целиот свет и дека во тие моментов им помагаат на пациентите од Бразил до Сомалија.
Ердоган додаде дека во екот на пандемијата Турција во 138 земји во светот ја испрати бараната помош во медицинска опрема.
Тој рече дека ниту еден пациент не е вратен од вратите на болниците во Турција, туку дека сеопфатниот здравствен систем и системот на социјална заштита обезбедија бесплатно лекување и тестирање за коронавирусот.
„Успешната борба против пандемијата отвори дополнителна можност за развој на здравствениот туризам во Турција. Одлучни сме Турција да ја претвориме во здравствен центар на три континенти. Градската болница „Д-р Лутфи Кирдар“ во Картал е уште еден голем чекор во таа насока“, рече Ердоган.
Турскиот претседател во оваа пригода ги предупреди граѓаните за важноста од почитувањето на превентивните мерки во текот на пандемијата на Ковид-19, ги повика да продолжат да се грижат за хигиената, да ја одржуваат потребната социјална дистанца и да носат заштитни маски.
Тој, исто така, ги повика граѓаните, во рамките на потребното менување на животните навики во екот на пандемијата, да престанат да пушат цигари, кои се исто така еден од факторите што доведе до толку тешки последици од пандемијата.