Ekipa
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека посакуваат меѓународната заедница во Либија да не ја направи грешката што ја направи во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, која престојува во посета на Турција, во Истанбул присуствуваше на свеченото отворање на новиот објект на Турско-германскиот универзитет.
Турскиот претседател нагласи дека за време на состанокот со германската канцеларка ќе разговараат детално за билатералните односи и регионалните прашања, особено за Либија.
Тој во своето обраќање се осврна на Турско-германскиот универзитет, нагласувајќи дека Турција ќе продолжи со пружањето секаков вид поддршка за универзитетот.
Ердоган посака Турско-германскиот универзитет како германската гимназија да стане симбол на турско-германското пријателство.
Исто така, Ердоган нагласи дека работат во насока на зголемување на квалитетот на високото образование во земјата.
„Бројката на меѓународни студенти [во Турција] од 15.000 достигна на 172.000 лица“, додаде тој.
Турскиот претседател рече дека продолжуваат работите за основање на заеднички универзитети како Турско-јапонски универзитет за наука и технологија, и Турско-италијански универзитет.
„Успехот на Турско-германскиот универзитет ќе претставува пример во текот на процесите за основање нови заеднички универзитети“, истакна Ердоган.
Турскиот претседател во своето обраќање се осврна и на либиското прашање, и рече дека доколку наскоро не се обезбеди спокојство, хаосот во Либија ќе влијае врз целиот Медитерански Басен.
„Посакуваме меѓународната заедница во Либија да не ја направи грешката што ја направи во Сирија“, рече Ердоган, додавајќи дека во овие тешки времиња ќе продолжат да стојат покрај нивните либиски браќа за нивната иднина, спокојство и мир.
„Нашата најголема цел е ставање крај на оваа криза која предизвика смрт на над 2.400 лица, а ранети беа 7.500 лица“, нагласи Ердоган.
Претседателот на Турција истакна дека ќе продолжат силно да ги поддржуваат чекорите направени во насока на постигнување мир и решение, и запирање на пролевањето на крвта и солзите во Либија.
„Мировиот план е важен чекор кон повторно воспоставување на политичката стабилност, чиј успех зависи од спроведување на одлуките“, додаде Ердоган.