Berk Özkan
11 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја одбележа 26-годишнината од геноцидот во Сребреница, сеќавајќи се на жртвите од овој геноцид, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во видеопорака за комеморативниот настан на кој се одбележува годишнината од геноцидот, Ердоган рече дека ќе продолжи да стои покрај Босна и Херцеговина и Бошњаците.
„Турција, како во минатото така и денес, ќе продолжи да стои покрај Босна и Херцеговина и покрај своите бошњачки браќа“, нагласи Ердоган.
„На ниту еден начин нема да дозволиме оваа црна дамка во историјата на Европа и на човештвото (геноцидот во Сребреница) да се доведе во втор план“, додаде тој.
„Раните што Сребреница ги отвори во нашите срца, сè уште крвават иако поминаа 26 години“, нагласи турскиот претседател.
Тој укажа на важноста на мирот во Босна и Херцеговина, каде што живеат лица со различни религии, култури и етнички заедници, истакнувајќи дека стабилноста на оваа земја е потребна за цела Европа, особено за Балканот.
Ердоган упати апел до политичките актери да се спротивстават на омразата, насилството и дискриминацијата, и повторно да се обединат врз основа на заедничките човечки вредности.
„Нашата заедничка должност е да имаме траен мир на овие територии“, рече Ердоган.
Турскиот претседател упати сочувство до семејствата на жртвите од геноцидот, барајќи милост од Господ за загинатите.