Ramazan Ercan
28 Јули 2018•Ажурирај: 29 Јули 2018
ИЗМИР (АА) - Рамазан Ерџан
Со надеж за подобар живот, голем број мигранти „патот на надежта“ кон Европа го бираат преку морето. Бројот на мигранти кои спасот го бараат по морски пат годинава е зголемен за 60 %, споредено со истиот период минатата година.
Во водите на Егејското и Црното Море, во обид за илегален премин последните 7 месеци се фатени 14.470 мигранти.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, поради граѓански војни, економска и политичка неизвесност, мигрантите ги напуштаат своите земји и по морски пат се упатуваат кон Европа со надеж за подобар живот. Поголемиот дел од мигрантите тоа го прават преку Егејското Море.
Близината на грчките острови до копното на Турција, Лезбос 5 бродски милји, Хиос 4,2, Самос 1, Сими 3,8, Кос 3 и Родос 10 бродски милји, ја објаснува причината зошто мигрантите го користат Егејското Море за илегален премин.
Во првите 7 месеци од оваа година фатени се 14.470 мигранти во Турција во обид за илегален премин преку морето, од кои 13.336 се фатени во Егејското Море.
- Раст од 60 отсто
Качувајќи се на најразлични пловни објекти, земајќи ја предвид и смртта, најголем број мигранти на патот на надежта имаше во 2015 година. Од 2016 година бројот на илегални миграции започна да опаѓа, но оваа година повторно е забележан раст, споредено со минатата година.
Минатата година за период од 7 месеци се фатени 9.152 мигранти во обид за илегален премин на границата, додека за истиот период годинава се фатени 14.470 мигранти, што претставува пораст од 60 отсто.
Во јануари се фатени 1.640 мигранти, во февруари 1.363, во март 1.849, во април 2.534, во мај 3.398, јуни 1.925, додека за 26 дена од месец јули се фатени 1.761 мигрант во обид за илегален премин. Бројката на фатени 3.398 илегални мигранти во месец мај е највисоко месечно ниво во последните 2,5 години.
Со зголемување на бројот на мигранти кои по морски пат на илегален начин се упатуваат на „патот на надежта“, се зголеми и бројот на мигранти што ги загубија своите животи. Во 2017 година бројот на починати мигранти изнесуваше 20, додека во истиот период годинава животот го загубија 54 мигранти. Во операциите што ги спроведоа безбедносните сили, приведени се 38 организатори на илегални преминувања.