Dejan Maksimoviç
11 февруари 2016•Ажурирај: 12 февруари 2016
БРИСЕЛ (АА) - Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, изјави денес во Брисел дека на морнарицата на Алијансата ѝ е издадена наредба нејзините бродови да впловат во Егејското Море со цел да помогнат во сопирањето на криумчарење мигранти на рутата помеѓу Турција и Грција, јавува Anadolu Agency (AA)..
Столтенберг рече дека воените бродови, кои засега се под команда на Германија, ќе имаат задача за извидување и помагање во надзорот со цел да се оконча најтешката мигрантска криза во Европа од Втората светска војна.
Одлуката е донесена по барањето кое го упатија Турција, Грција и Германија во текот на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО, денес во Брисел.
Тој додаде дека Филип Бредлов, американскиот генерал на воздушните сили кој е воедно и командант на силите на НАТО во Европа, ѝ нареди на НАТО морнаричката група 2, без одложување да се распореди во Егејското Море.
Столтенберг нагласи дека бродовите веднаш ќе тргнат во реализација на наредбите и ќе се упатат кон Егејското Море.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (IOM) оваа година во Европа по морски пат стигнале над 75.000 мигранти, од кои најголем дел по рутата преку Егејското Море. На тој опасен пат, 409 лица ги изгубија животите, а 319 од нив на патот од Турција до Грција.