Nilay Kar
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Локалните власти во Истанбул денес ја урнаа зградата во која беше сместен ноќниот клуб „Реина“, кој во новогодишната ноќ беше цел на смртоносен терористички напад извршен од страна на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Градските служби одлучија да го урнат и да го отстранат делот на забавниот комплекс „Реина“, кој беше отворен во 2002 година, а рано утрово надлежните органи постапија по таа одлука и со булдожери ја урнаа зградата во Бешикташ.
Вработените во ноќниот клуб „Реина“ за АА изјавија дека не знаеле за одлуката на општинските власти и тие се изненадени од уривањето на објектот утринава.
Управата на ноќниот клуб „Реина“ досега не го коментираше случајот.
Во терористички напад за време на новогодишната забава во истанбулскиот клуб „Реина“ загинаа најмалку 39 лица, вклучувајќи и еден полицаец.
Главниот осомничен во нападот, Абдилгадир Машарипов, беше уапсен на 16. јануари, во областа Есенјурт во Истанбул. Во текот на истрагата, беше уапсено и едно лице од Киргистан и три жени осомничени за вмешаност во овој терористички акт.