Ali Murat Alhas
10 Септември 2019•Ажурирај: 10 Септември 2019
БЕРЛИН (АА) - Турција и Германија работат со добра волја кон унапредување на билатералните односи, истакна заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Фарук Кајмакџи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Односите меѓу Турција и Германија се нормализирани, со сигурност можеме да го кажеме ова. Но нормализацијата не е доволна за нас. Ние треба дополнително да ги подобриме нашите односи“, изјави Кајмакџи пред новинарите на крајот од дводневната посета на Берлин.
Кајмакџи рече дека официјалните лица планираат посети на високо ниво, меѓу кои и можна посета на канцеларката Ангела Меркел на Турција во блиска иднина.
Односите помеѓу Анкара и Берлин во периодот 2016 и 2017 година претрпеа неколку тешки моменти поради политички несогласувања, но и двете страни презедоа чекори кон подобрување на односите.
Кајмакџи истакна дека двете земји ќе се фокусираат на заедничките интереси и ќе работат на конкретни предлози за зајакнување на соработката на различни полиња, вклучително и на полето на економијата и трговијата.
Тој нагласи дека миграцијата и Договорот за бегалци помеѓу ЕУ и Турција се меѓу клучните области во кои двете земји имаат тесна соработка.
„Турција досега потроши 40 милијарди долари за сириските бегалци. Иако ЕУ вети 6 милијарди евра (6,6 милијарди долари) за сириските бегалци во Турција, досега потрошиле само 2,1 милијарда евра“, рече тој.
„Од ЕУ очекуваме да го зголеми својот придонес и да ги забрза процедурите за тие средства“, додаде Кајмакџи.
Во 2016 година Меркел беше поборник за Договорот за бегалци помеѓу ЕУ и Турција, со надеж дека ќе го запре приливот на бегалци откако во Германија пристигнаа речиси 1 милион бегалци.
Договорот успеа значително да го намали бројот на бегалци што минуваат преку Егејското Море, спречувајќи го губењето на многу животи.
Но, Анкара ги критикуваше своите европски партнери за нецелосно спроведување на Договорот од 2016 година.
Турција моментално згрижува речиси 4 милиони сириски бегалци, повеќе од која било земја во светот.