Ferdi Türkten
11 Јуни 2021•Ажурирај: 11 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Самитот на НАТО во Брисел, кој ќе се одржи на 14 јуни, ќе се состане со голем број светски лидери меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган, кој в недела ќе отпатува за Белгија, ќе одржи средби со Бајден, литванскиот претседател Гитанас Науседа, латвискиот претседател Егилс Левитс, германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Борис Џонсон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Тој, исто така, се очекува да се состане и со францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Март Рут.
Покрај прашањата поврзани со НАТО-алијансата, за време на разговорите ќе стане збор и за билатералните односи и регионалните прашања.
Средбата на Ердоган со Бајден ќе биде прва лична интеракција меѓу двајцата лидери по изборот на Бајден за претседател на САД.
Според изворите, приоритетниот дневен ред на турската делегација на Самитот на НАТО ќе биде почитувањето на суверенитетот на Турција и безбедносната сензитивност во однос на регионалните случувања.
Ќе биде нагласено дека Турција е земја членка која ги исполнува своите должности како дел од Алијансата и нуди соработка во борбата против тероризмот и менаџирањето со хуманитарните кризи. Исто така, ќе бидат пренесени загриженоста и сугестиите на Турција за мировниот процес во Авганистан.
Според НАТО, Самитот се одржува со цел да се одговори на денешните предизвици и предизвиците на утрешницата. Во нив спаѓаат тероризмот, сајбернападите, дисруптивните технологии и безбедносните импликации од климатските промени. Иницијативата „НАТО 2030“ за продолжување на адаптацијата на Алијансата е во срцето на Самитот.