Erdal Türkoğlu
19 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
ХАТАЈ (АА) - ЕРДАЛ ТУРКОГЛУ -
Поранешните сириски генерали во егзил во Турција, изразија поддршка за можната операција на Турските вооружени сили во сирискиот пограничен град Африн, кој е под окупација на терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералите кои ја откажаа послушноста на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и преминаа во редовите на сириската опозиција, Асад Насиф и Абдулкерим Ахмед, моментално се наоѓаат во егзил во Турција, а во разговор со новинарот на АА ја коментираа ситуацијата во Африн и можната воена операција на турските сили во тој регион.
Истакнувајќи дека таквата операција на турските сили во Африн е апсолутно оправдана, поранешниот сириски генерал Насиф изјави дека апсолутно би ја поддржал таквата акција.
Поранешниот командант на сириската војска во северниот дел на таа земја, Насиф, со посебни зборови говореше за храброста и силата на турската војска.
„Потполно сме уверени во успехот на турската војска. Турција има капацитети да ја уништи терористичката организација ПЈД/ПКК. Слободната сириска војска безгранично ја поддржува Турција по тоа прашање и во таа операција ќе биде рамо до рамо. Ние секогаш сме со Турција и подготвени сме да направиме сè што е наша обврска“, изјави Насиф.
Тој додаде дека и курдското население во Сирија е против терористите на ПЈД/ПКК.
Осврнувајќи се и на најавата дека САД ќе формираат таканаречни Сили за заштита на сириската граница во рамките на ПЈД/ПКК, Насиф изјави дека од почетокот не им верува на Американците во однос на ниедно прашање.
„САД со своите потези застанаа против Турција. Сирискиот народ знае која е целта на тие потези. Тие сакаат да ја поделат Сирија, а нашиот народ е против тоа и ќе ја поддржи евентуалната операција на турските сили против терористите“, изјави поранешниот сириски генерал Насиф.
Поранешниот командант на Специјалните воени сили на Сирија, генералот Ахмед, исто така ги поддржа можните антитерористички операции на турските сили во Африн или во Мунбич и додаде дека тоа би биле прецизно планирани акции со јасна цел во борбата против терористите на ПЈД/ПКК во тој регион.
„Ние во Сирија немаме никакви проблеми со Курдите и знаеме дека поголемиот дел од тој народ е против терористите. Курдите не сакаат да се идентификуваат со организација ПЈД/ПКК и ја поддржуваат Турција во борбата против тие терористи. Јасна е целта и на САД како главни донатори на таа организација, а тоа е поделба на Сирија. САД сакаат да ја прошират територијата на Израел и да ги окупираат подземните ресурси на Сирија“, изјави Ахмед.