АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција најостро го осудија воздушниот напад, кој силите лојални на командантот Калифа Хафтар го извршија на мигрантскиот камп во близина на главниот град на Либија, Триполи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нападот и убивањето на десетици невини луѓе во кампот, во кој се згрижени непријавените мигранти, е злосторство против човештвото“, порача портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хилми Аксој.
Аксој во писмено соопштение, исто така, наведе дека одговорните за нападот треба итно да бидат пронајдени и процесуирани.
„Очекуваме и итна реакција на меѓународната заедница“, порача Аксој.
Портпаролот на Министерството за здравство при меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Фавзи Унајис, претходно за АА изјави дека бомбардерите на силите лојални на командантот од источниот дел на Либија го погодиле кампот и убиле најмалку 30 непријавени мигранти.
Тој изјави дека повеќе мигранти се ранети и дека се стравува оти билансот на загинатите би можел да расте.
Според последните податоци, во кампот што го погодија силите на Хафтар биле згрижени 120 мигранти.
Калифа Хафтар на почетокот на април започна воени акции со амбициозен план за освојување на главниот град Триполи, каде што се наоѓа седиштето на Владата на национално единство на Либија.
Либија е зафатена од превирања од 2011 година, кога во крваво востание поддржано од НАТО беше соборен, а потоа и убиен повеќедеценискиот лидер Муамер Гадафи.
Оттогаш, острите политички поделби во земјата доведоа до создавање на две ривалски власти, една во источниот дел на Либија, со која е поврзан Хафтар, и друга во Триполи, поддржана од Обединетите нации.