АНКАРА (АА) – Според анкетите изработени од страна на агенциите за истражување и консалтинг за гледиштето на Турција кон она што го прават Соединетите Американски Држави (САД), голем дел од анкетираните себеси се оценуваат како лица кои имаат „негативен став кон САД“.
Фирмата за консалтинг, презентација, истражување и организирање „Оптимар“ спроведе анкета во која учествуваа 1.508 лица од 26 области во Турција.
На прашањето „Дали себеси би се дефинирале како лице кое има негативен став кон САД?“, 71,9 отсто од учесниците во анкетата одговориле „Имам негативен став кон САД“, 22,7 отсто одговориле „Имам делумно негативен став кон САД“, додека 5,4 отсто одговориле „Немам негативен став кон САД“.

58 отсто од анкетираните сметаат дека причина за брзото зајакнување на ДЕАШ во Сирија и Ирак е „Поддршката што ја добиле од меѓународните центри на моќ (САД, Израел, европските земји)“.
На прашањето „Како го оценувате приближувањето на Турција кон Русија“, 62,1 отсто од анкетираните одговориле „позитивно“, 22,4 отсто „негативно“, додека 15,5 отсто одговориле „немам идеа“.
- „Антиамериканското расположение на највисоко ниво досега“ -
Хилми Дашдемир, директор на фирмата за истражувања „Оптимар“, за АА изјави дека „Оптимар“ од 2011 година спроведува „Истражување на Блискиот Исток и надворешната политика - ОДПАР”, мерејќи ја перцепцијата и свеста на јавното мислење за надворешната политика на Турција.
Истакнувајќи дека во новозавршената анкета, за краток период е воочено антиамериканското расположение, директорот Дашдемир го наведе следното:
„Во последно време, антиамериканското расположение во Турција се наоѓа на највисоко ниво досега. Резултатите од анкетата се навистина загрижувачки од аспект на американско-турските односи. Се разбира дека еден од најголемите фатори за тоа е политиката што САД ја водат кон ФЕТО/ПДЈ. Во 2016 година спроведовме анкета во 25 области низ Турција, при што тет-а-тет анкетиравме 1.500 лица. На прашањето ‘Кој стои зад обидот за државен удар на 15. јули?”, 36,9 отсто од анкетираните одговорија ФЕТО, 25,2 отсто ФЕТО+САД, 5,6 САД, 2,3 одговорија ‘други‘, додека 29,2 отсто одговорија дека ‘немаат идеа’.
Во истражувањето на ОДПАР, на прашањето ‘На полето на надворешната политика, Турција со кои земји би требала да соработува?’, во 2015 година, 23,1 отсто од анкетираните одговориле САД, додека денеска тој процент изнесува 13,6 отсто. Соодветно на падот на мислењата за соработката со САД, во пораст се мислењата за соработка со земјите како што се Русија и Кина“.
- Анкета на АГС ГЛОБАЛ -
Фирмата за истражување и консалтинг АГС ГЛОБАЛ спроведе истражување во кое беа опфатени 393 бизнисмени од различни сектори.
66 отсто од анкетираните кон САД гледаат „негативно“, додека 13 отсто гледаат „позитивно“. Со став „кон САД не гледам ниту негативно ниту позитивно“ се изјасниле 21 отсто од анкетираните.
Бизнисмените кои имаат негативно гледиште кон САД (66 отсто), како главна причина која кај нив создава негативна перцепција ја наведуваат ‘недовербата’.
Претседателот на Управниот одбор на АГС ГЛОБАЛ, Ахмет Ѓулер, рече дека ќе наведе три причини за резултатите од анкетата и ставот на турските бизнисмени.
Како прва причина, Ѓулер го наведе следното: „Западот сѐ уште се обидува Новата Турција да ја чита според старите сеќавања“ и продолжи:
„Втора причина е лидерската криза која подолг период трае во ЕУ, при што од секоја глава излегува различен глас и контрадикторни изјави, болест од која се заразија и САД. Особена причина за растот на негативниот став кон САД е лидерскиот проблем кој настана откако Трамп ја презеде функцијата претседател и контрадикторниот пристап на администрацијата. Тоа што Русија го нема проблемот со лидерството кој го има Западот, дава позитивно мислење за неа. Трета причина е придвижувањето на водечките светските политички и економски центри кон азиско-пацифичкиот регион. Се наоѓаме во период во кој емотивното одделување од Западот е многу полесно.“
- „Негативниот став достигна 85-90 отсто“ -
Претседателот на Управниот одбор на фирмата за истражувања А&Г, Адл Ѓур, соопшти дека според последното истражување кое го спровеле, забележано е зголемување на негативниот став кон САД, а соодветно на тоа, се намалува негативниот став кон Русија.
Зборувајќи дека пред околу 20 години, негативниот став кон Русија бил многу висок, а негативниот став кон САД бил многу мал, Ѓур наведе: „Во последните години, поддршката што САД ѝ ја даваат на ПКК и заштитата што му ја пружаат на ФЕТО, предизвика сериозен раст на негативниот став кон САД. Со последната поддршка што САД им ја даваат на ПКК во Африн, додека Турција ја спроведува операцијата ‘Маслинова гранка’, негативниот став кон САД достигна вредност од 85 до 90 отсто. 82 отсто од Курдите кои живеат во Турција сметаат дека Америка не е нивен пријател и сојузник. Тие велат дека ‘САД ги поддржуваат ПЈД поради сопствени интереси’. 87 отсто од вкупното возрасно население смета дека ПЈД е огранок на терористичката организација ПКК.“