Hüseyin Kulaoğlu
06 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Турција, во тек е низата истраги и судења на осомничените за обидот за воен удар од јули 2016 година, а денес пред судот во Истанбул обвинетиот поранешен војник, Омер Калин, призна дека за време на обидот за државен удар, со тенк газел возила на истанбулските улици, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрирани поданици во редовите на турската војска, полицијата и другите институции, на 15 јули 2016 година изврши обид за воен удар во Турција, а во 13. Кривичен суд во Истанбул во тек е процесот против 67 обвинети, меѓу кои 23 осомничени лица кои се уапсени и задржани во притвор. Еден од обвинетите е и поранешниот шеф на Дирекцијата за безбедност, Митхат Ајнаџи.
Обвинетите се товарат за обид за окупирање на Дирекцијата за безбедност во Истанбул и за случувањата на мостот Есенлер Бирлик во кој се убиени пет, а ранети беа 30 лица.
На денешното рочиште во судницата во подрачјето Бакирќој, присуствуваа 23 обвинети лица и адвокатите од обвинителството и одбраната.
Обвинетиот поранешен војник, Омер Калин, призна дека управувал со тенк на улиците во близина на истанбулската Дирекција за безбедност, а дека сè почнало откако од командата пристигнала дојава за наводен терористички напад во градот.
„Излегов во улицата Ватан и видов дека сообраќајот се одвива нормално и не можев да се движам со тенкот. Потполковникот Фатих Сонмез ми нареди да газам сè пред себе, а потоа на мене викаше и ми се закануваше и капетанот Сердат Дегирмендере. Бев принуден да се движам со тенкот по улицата. Газев возила, но не видов дека имаше луѓе во нив. Луѓето беа покрај патот. Бев во шок кога излегов од тенкот, седнав и се напив малку вода. Пет месеци подоцна во затворот дознав дека имало загинати и ранети лица“, изјави обвинетиот Калин кој се товари за убиство на најмалку четири и за повреди на повеќе лица.
Во продолжение на рочиштето е одржано и вкрстено испрашување за време на кое обвинетиот Калин изјави дека не знаел на кој начин можел привремено да го онеспособи тенкот и да го спречи извршувањете на наредбите на надредените.
Уапсениот осомничен поранешен капетан Дегинмендере се обиде да ги оспори тврдењата на Калин и изјави дека не би можел да му наштети дури ни да го спречил тенкот пред да излезе на улицата, а Калин бурно реагираше на тоа.
„Соработуваше со Фатих. Имавте оружје, пукавте. Јас сум обичен војник и како таков се обидувам да ја откријам вистината. Бесрамно дури и ги негирате злосторствата. Зарем не се плашите од Бога? Подобро ви е да се плашите од него, отколку да се плашите од затвор“, изјави Калин.
Обвинетиот поранешен потполковник, Фатих Сонмез, се товари дека за време на обидот за пуч во Истанбул со огнено оружје убил најмалку едно лице.
Меѓу обвинетите е и поранешниот шеф на Дирекцијата за безбедност во Едрене, Исмаил Угуз, кој исто така е учесник во обидот за окупација на истанбулската Дирекција.
Во обвинението се наоѓаат голем број списоци, документи, снимки и стенограми на тајни разговори кои обвинетите пучисти ги воделе за време на обидот за воен удар.
Сите обвинети се товарат за обид за рушење на уставниот поредок на Турција, блокирање на работата на Парламентот, обид за рушење на Владата и членување во терористичка организација. Обвинителството бара изрекување на повеќекратни доживотни затворски казни за сите обвинети.
На чело со Фетула Ѓулен, терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрирани членови во институциите, во јули 2016 година се обиде да изврши воен удар во Турција, во кој загинаа најмалку 250 лица. Турција по тоа покрена опсежна борба против таа организација, која е формирана пред неколку децении и под плаштот на верските програми ги злоупотреби верските чувства на луѓето поради остварување на терористичките планови.