АНКАРА (АА) - АЈНУР ЕКИЗ -
Генералниот директор на ТРТ, Ибрахим Ерен, изјави дека една сесија на Светскиот форум на ТРТ ќе биде посветена на убиството на Џамал Кашоги и дека на таа сесија ќе се зборува и за променливите геополитички рамнотежи на Блискиот Исток поврзани со смртта на саудискиот новинар.
Генералниот директор на ТРТ, Ибрахим Ерен, во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше во врска со Светскиот форум ТРТ што оваа година ќе се одржи по третпат.
„Како и секогаш, така и оваа година, имаме за цел да дебатираме на темите кои се на светската агенда. Во овој контекст, клучни теми на кои ќе се дискутира на Форумот ќе бидат подемот на екстремниот десничарски тероризам, зголемувањето на популизмот и национализмот, трговските војни, иднината на Европската Унија и политичките, економските и социјалните прашања што го засегаат целиот свет“, нагласи Ерен и истакна дека главната тема на Форумот ќе биде „Кризата на глобализацијата: Ризици и можности“.
Тој рече дека секоја година под главните наслови се утврдуваат и специфични прашања, Ерен рече дека тие прашања се производ на сериозни студии.
Посочувајќи дека се бараат решенија за проблемите на човештвото и глобалната политика, Ерен рече: „На пример, знаеме дека неодамнешното зголемување на антимуслиманското расположение и непријателските ставови кон мигрантите претставуваат глобална закана. Многу терористички напади, како што е нападот на џамијата во Крајстрч, Нов Зеланд, се поврзани со идеологиите на популизмот и белиот расизам. Ваквите случаи ќе бидат анализирани. Ова е само една од 10-те сесии на Форумот.“
Истакнувајќи дека по завршувањето на минатогодишниот Форум веднаш започнале со подготовките на овој Форум, Ерен рече дека екипно работеле за утврдување на темите, прашањата и експертите кои ќе зборуваат на Форумот.
- „Ќе бидеме домаќини на многу значајни имиња“
Наведувајќи дека се горди што ТРТ организира најголем форум во секторот за медиуми, Ерен нагласи:
„Гости на Форумот ќе бидат: реформскиот политичар Анвар Ибрахим, лидер на коалицијата „Пакатан Харапан“ и Партијата на народната правда во Малезија; поранешниот фински премиер Еско Ахо, кој ја доби титулата најмлад премиер во Европа, а исто така се наоѓа меѓу водечките имиња во светот во иновациите; министерот за надворешни работи на Пакистан, Шах Махмуд Курејши; првата министерка муслиманка во британската Влада, Саједа Варси, која поднесе оставка од функцијата во август 2014 година затоа што политиката на британската Влада за Газа беше „морално неиздржлива“ и Леунг Чун-Јинг, поранешен главен водач на Хонгконг.“
- „Цивилизацијата ја сметаме како дел од нашето наследство“
Ерен истакна дека на Форумот ќе се водат дискусии за хуманитарни прашања од различни перспективи.
„Анадолија и Истанбул со векови биле лулка на толеранцијата, мултикултурализмот и многугласноста. Затоа Светскиот форум на ТРТ се одржува во Истанбул. Нашата намера и цел се многу јасни. Во регионот каде што се наоѓаме и ние, еден период се наоѓа во потрага. Ние со овој Форум сакаме да придонесеме на оваа потрага, и да обезбедиме тоа да се објави низ целиот свет. Нашиот доброволен став е резултат на нашето наследство на илјадници години цивилизација и вредности.“
Генералниот директор на ТРТ, Ерен, исто така нагласи: „Имаме некои имиња кои најпрвин ја прифатија поканата да учествуваат на Форумот на ТРТ, а потоа, по започнувањето на операцијата „Извор на мирот“, во која нашата земја ги користи легитимните права што произлегуваат од меѓународното право, ја сменија одлуката и решија да не учествуваат на Форумот.“
Наведувајќи дека во секоја работа што ја реализираат вложуваат напори „човекот и совеста да бидат во центарот на вниманието“, Ерен истакна: „Неопходно е да се следи глобалниот свет и сите настани за да се биде на праведната страна во социјалните и политичките прашања кои ги тангираат луѓето. Тука, во Турција, од многу различни места во светот ќе има многу различни перспективи. Ќе има потреба од сериозни и квалификувани напори за да може сите тие различности да се соберат во едно место и да се наоѓаат решенија.“
- „Сесија на Форумот ќе биде посветена на убиството на Џамал Кашоги“
Ерен, изјавувајќи дека една сесија од Форумот ќе биде посветена на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година, рече: „Ова е црна точка во историјата.“
Ерен, исто така истакна дека на сесијата на Светскиот форум на ТРТ, посветена на Џамал Кашоги, ќе учествуваат лидерот на партијата Гад ал Таврах и поранешен кандидат за претседател на Египет, Ајман Нур, претседателот на групата Жени репортери без граници, Тавакул Карман, новинарот Јасин Актај кој беше близок со Кашоги и новинарот писател Туран Кишлакчи.
Тој истакна дека на Форумот ќе учествуваат и голем број политичари од различни земји и високи експерти од најразлични тинк-тенк институции.
- „Придонес во академската литература“
Ерен посочи дека по двата форума во 2017 и 2018 година имале многу позитивен фидбек од учесниците и од присутните.
„Го изразуваа задоволството од тоа што биле дел од овој голем настан кој се одржува во Турција. Со голем дел од нив продолжуваме да комуницираме во текот на цела година и разменуваме идеи“, изјави генералниот директор на ТРТ.
„По секој форум, од дискусиите реализирани во затворени и отворени сесии, од идеите и извештаите, се печатат книги и се подготвуваат видеоматеријали“, наведе Ерен, додавајќи дека материјалите се ставаат на веб-страницата, а исто така се испраќаат и до учесниците.
- „Како ТРТ ја исполнуваме одговорноста што ја имаме“
„Со овој проект и со кампањите за подигање на свеста како јавен радиодифузен сервис во Турција сакаме да обрнеме внимание на главните прашања кои се од интерес на јавноста“ рече Ерен, и додаде:
„Сакаме со нашето присуство на меѓународната арена да придонесеме на човештвото, мирот, просперитетот и правдата. Кога ја основавме „ТРТ Ворлд“, нашите гледачи ги опишавме како глобални граѓани со глобална совест, и човекот го ставивме во центарот на приказната. На крајот на јули бевме домаќини на 5. Глобален форум за информирање кој се одржа во Истанбул. Главната тема беше „Довербата и вистината во новинарството“. Ние како ТРТ имаме за цел да бидеме пионери на позитивни промени од сите аспекти.“