Ali Bayaslan
31 Мај 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека голем број земји во светот се обидуваат да го решат проблемот со капацитетот на болниците со монтажни теренски болници, а Турција во многу краток временски период успеа тоа да го надмине со изградба на постојана болница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган во своето обраќање на свеченото отворање на Болницата за ургентни случаи „Проф. д-р Мурат Дилменер“ во Јешилкој, Истанбул, посака болницата да биде од корист на Турција и турскиот народ.
Упатувајќи честитки до турското Министерство за здравство и до компанијата „Ронесанс“ („Rönesans“) за изградбата на болницата, Ердоган рече дека уште еднаш ја изразува почитта до сите здравствени работници на чело со проф. д-р Мурат Дилменер и до граѓаните што починаа за време на епидемијата.
Ердоган нагласи дека проф. д-р Мурат Дилменер, кој почина од Ковид-19, ќе се памети како добар лекар, добар специјалист во својата област и вистински човек кој од срце му служел на народот.
Истакнувајќи ја посветеноста на доктор Дилменер кон секој пациент во рамките на можностите и со сета искреност без разлика на неговото верување, потекло, образование и социјален статус, Ердоган рече: „Професорот секогаш ќе биде во нашите срца. Со давањето на неговото име на болницата во Јешилкој сакавме да ја искажеме нашата лојалност кон професорот.“
- „Турција е земја што привлече внимание“ -
Ердоган истакна дека Турција за време на епидемијата со моќната здравствена инфраструктура и системот на здравствено осигурување привлече внимание во светот.
„Добро знаеме дека нашето здравствено осигурување, кое го опфаќа скоро целото наше население и обезбедува ист стандард на услуга, привлекува внимание кај сите. Имаме здравствена инфраструктура чиј голем број објекти во изминатите 18 години се обновени целосно и опремени со нова опрема. Имаме 1.100.000 здравствен персонал, од лекари до медицински сестри. Изградените 11 градски болници претставуваат глобален модел со квалитетот на услугите и начинот на изградба.“
Ердоган, наведувајќи дека и ургентните болници кои се изградени за два месеца и пуштени во употреба ќе претставуваат примери за другите, истакна:
„Верувам дека болниците што ги изградивме во текот на пандемијата и ги ставивме на располагање на граѓаните можат да бидат модел и за другите. Голем број земји во светот се обидуваат да го решат проблемот со капацитетот на болниците со монтажни теренски болници, ние во многу краток временски период успеавме да го надминеме со изградба на постојана болница.“
Наведувајќи дека се направени значајни работи во здравствениот сектор, турскиот претседател нагласи дека развојот и индикатоите за глобалната економија, што ќе се реконструира по епидемијата, покажуваат дека Турција ќе има многу поволна позиција.
„Државите и институциите кои увидоа дека е ризично концентрирањето на производството во еден центар, почнаа да бараат нови алтернативи, Турција се наоѓа на чело на тие алтернативи. Sвездата на нашата земја постепено блеска и во здравствениот сектор. Болниците за ургентни случаи ќе бидат гордоста на нашата земја. Со силна производна инфраструктура и со младиот образовен човечки потенцијал гледаме со доверба во нашата иднина“, порача Ердоган.