Cemil Murat Budak
04 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на продолжението на истрагата за терористичката организација ФЕТО, турското обвинителство утврди дека припадниците на организацијата се обидуваат да се реорганизираат во Турција и со таа цел, од март оваа година го користат „Cryptnote“, шифриран систем на комуникација, јавува Anadolu Agency (AA).
Истрагата за обидот за реорганизирање во ФЕТО ја спроведува Државното обвинителство во Анкара, а постапката е започната врз основа на признание на суспендираниот припадник на турската полиција, Џумали К.
Џумали К. во исказот пред обвинителството призна дека го посетиле некои од истакнатите членови на ФЕТО и му понудиле финансиска помош,. Исто така, на телефон и на компјутерот му го инсталирале шифрираниот систем за комуникација „Cryptnote“, за кој му рекле дека е посигурен канал за комуникација од системот „ByLock“, кој ФЕТО претходно го користеше.
Врз основа на тоа признание, турската полиција следеше три лица кои го посетија поранешниот полицаец и утврдено е дека тие ги посетувале суспендираните службеници токму како и покајникот Џумали K. и им нуделе помош и нов канал за комуникација со ФЕТО.
Неодамна полицијата изврши претрес на нивните домови и ја уапси споменатата тројка, Идрис Д., Махмут О. и Мутлу Д. Против нив е подигнато обвинение со коешто се товарат за членство во терористичка организација.
Со истрагата е утврдено дека уапсената тројка ги посетувала и семејствата на поранешните припадници на ФЕТО кои се во притвор и се обидувале да ја одржат врската на тие семејства со организацијата.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт. Властите на Турција спроведуваат опсежни операции во рамките на борбата против таа терористичка мрежа којашто е предводена од Фетула Ѓулен.