Yahya Sezgin
15 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
МУШ
Екипите за чистење снег во турскиот град Муш се обидуваат да ги расчистат сообраќајниците кон селата во близина на планината Куртик, каде што снежната покривка кон средината на април во некои предели достигнува и до 10 метри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипите вложуваат големи напори за да ги отворат патиштата кон Чавуштепе, кое соединува неколку десетина места.
На патот долг 22 километри, на кој во одредени подрачја снежната покривка изнесува и до 10 метри, екипите за расчистување на снегот дневно можат да го отстранат снегот од околу 400 метри од патната делница.
Претставникот на локалната власт, Сејхмуш Јентур, изјави дека продолжуваат да го чистат снегот и во април за да можат да му овозможат на локалното население полесна комуникација.
„Ова се места каде што поради бурите и конфигурацијата на теренот се собира снег. Планината Куртик не е подрачје на кое можете да поминете во зима“, рече Јентур и додаде дека на тоа подрачје работат веќе 7 дена.
Екипите за расчистување на снегот планираат до селото Учевлер да стигнат за 3 до 4 дена.
Еден од работниците за отстранувањето на снежната покривка е и Џелал Тумер, кој изјави дека со снежната покривка се борат и во период кога во западните подрачја од земјата почнува летната сезона.
„Со 3 машини го отстрануваме снегот од патот. Дневно можеме да го отстраниме снегот од патот во должина од 300 до 400 метри“, рече Тумер.