БЕЛГРАД
Србија на претстојните избори на 3 април ќе има осум претседателски кандидати, потврди Републичката изборна комисија, известува Агенција Анадолија (АА).
Кандидатите се актуелниот претседател Александар Вучиќ и опозиционите кандидати - претставникот на Здружената опозиција на Србија Здравко Понош, кандидатката на зелено-левичарската коалиција „Мораме“ Билјана Стојковиќ и неколку десничарски кандидати - претседателката на партијата „Заветници“ Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, претседател на Демократската партија на Србија, Милош Јовановиќ, претседателот на движењето „Двери“ Бошко Обрадовиќ, претседателката на коалицијата „Суверенисти“ Бранка Стаменковиќ и претседателот на српската десница Миша Вациќ.
Списокот на кандидатите учесници на изборите закажани за 3 април беше заклучен на 18 март на полноќ, а редоследот на кандидатите се одреди со жрепка.
Кандидатурата на Вучиќ со свој потпис ја поддржале 154.888 гласачи, иако за кандидатурата се потребни само 10.000 правно валидни потписи, а го поддржаа Социјалистичката партија на Србија која ја предводи Ивица Дачиќ. Српската радикална партија на чие чело е Војислав Шешељ, Сојуз на Унгарците од Војводина, Партијата на обединетите пензионери на Србија и Социјалдемократската партија на Србија на Расим Љајиќ, како и други помали партии.
Кандидат на престојните избори е и некогашниот началник на Генералштабот на војската на Србија, Здравко Понош, кој е кандиат на Здружената опозиција на Србија која ја сочинуваат Демократската партија, Партијата на слободата и правда на чие чело е некогашниот градоначалник на Белград Драган Ѓилас и Народната партија, на чело со некогашниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, а неговата кандидатура ја поддржаа 11. 232 граѓани.
Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски е кандидат од десничарскиот спектар, позната по противењето на НАТО, приказната за зачувување на Косово и Метохија во составот на Србија, но и по отворено противење кон одредени невладини организации како „Жена во црно“ и Фондот за хуманитарно право.
Претседателот на српската десница Миша Вациќ, познат е по изјавите против мигрантите, величење на воени злосторници, противење на антивоените организации и најавата за кампања дека ќе ги аболира оние кои во војната во Украина се бореле на страната на Русија.
Билјана Стојковиќ кандидатка на зелено-левичарската коалиција „Мораме и професор на Биолошкиот факултет, се истакна за време на протестите против актуелната власт и против отворањето на рудник за литиум во западниот дел на Србија.
Милош Јовановиќ кандидат на коалицијата „НАДА“, е претседател на Демократската партија на Србија, која се залага за Косово во Србија, но и заа пристојност во политиката.
Бошко Обрадовиќ, познат е по борбата против овозможување на истополови бракови како и Парада на гордоста во Србија, стои на ставот дека Косово е составен дел на Србија и се противи на европските интеграции на Србија.
Бранка Стаменковиќ себе се претставува како „жена од народот“ а се залага дека Србија мора да се грижи за сите Срби во регионот, како и за Косово и за Република Српска (ентитет во Босна и Херцеговина) со која мора да има посебни врски.
Како најголеми изборни конкуренти во трката за претседатели на Србија во јавноста се гледаат Вучиќ и Понош.
Вучиќ кампањата ја започна со парола „Делата зборуваат“, но по избувнувањето на војната во Украина најчестите зборови во неговата кампања се „мир и стабилност“. За време на посетата на градовите низ Србија, Вучиќ претпладне настапува како претседател и отвора фабрики и ветува нови работни места и ветува брашно за земјите од регионот, а попладне настапува како претседател на Српската напредна партија, ветувајќи мир и стабилност, истакнувајќи дека Србија нема да биде дел од НАТО, но дека ќе ги заштити Србите каде и да се.
Понош својата кампања ја базира на критика на власта и ветувањето дека како претседател на Србија ќе го почитува Уставот и истакнува дека Вучиќ тој Устав го крши и додава дека државата повеќе пати барала од граѓаните да се жртвуваат за неа, но дека се покажало дека не се жртвувале за државата туку за оние кои се на власт.
Медиумите кои ја поддржуваат власта, Понош често го наречуваат „НАТО генерал“, на што тој одговара дека тоа се бесмислени провокации.
Во регионот најмногу одекна неговата изјава за Ратко Младиќ. Понош рече дека тој е „трагична личност“ и дека направил „војнички брилијантни работи во БиХ“, но дека под негова команда се направени и брутални злосторства.
„Силите под негова команда, за жал, направиле некои брутални злосторства. За тие злосторства одговарал тој, одговараа некои поединци, но не треба за тоа да одговара цела генерација или цел народ“, кажа Понош.
Опозицијата во Србија објави истражување кое покажува дека 3,1 милион гласачи одлучиле за кого ќе гласаат на претседателските избори и дека од нив 56 отсто би гласале за Вучиќ, 28,5 отсто за Понош, 4,5 за Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, 3,5 отсто за Милош Јовановиќ, 2,5 отсто за Бошко Обрадовиќ, а еден отсто за Биљана Стојковиќ.
Опозицијата истакна дека според тоа, до втор круг на гласање на претседателските избори би дошло доколку на гласање излезат 3,8 милиони гласачи.
Вториот круг на избори се одржува две недели по првиот круг.
На претседателските избори во Србија укинато е правилото дека на изборите мора да излезат повеќе од 50 отсто од вкупниот број на гласачи, па според за претседател да биде избран оној кој ќе освои повеќе од 50 отсто од излезените гласачи, а ако никој од кандидатите во првиот круг не освои повеќе од 50 отсто, тогаш двајцата кандидати со најмногу освоени гласови одат во вториот изборен круг. Последните 15 години на претседателските избори во Србија на гласање излегувале околу половината од запишаните избирачи.
Од 1990 година до денес Србија 11 пати избирала претседател, но во 2002 и 2003 година изборите биле неуспешни, бидејќи тогаш било во сила било правилото повеќе од 50 отсто од граѓаните да излезат на гласање, а тоа правило подоцна е укинато.
Последен пат Србија избираше претседател во 2017 година, а на тие избори гласаа 3.655.365 лица, односно 54,38 отсто од гласачите.
Тогашниот премиер Александар Вучиќ победи во првиот круг со 55,08 отсто од гласовите на излезените гласачи, односно доби околу два милиони гласови. На второ место беше кандидатот на опозицијата, некогашниот заштитник на граѓаните Саша Јанковиќ кој освои околу 600.000 гласови, односно 16,35 отсто. Трет на изборите беше Лука Максимовиќ, кој се кандидирал и ја водел кампањата како измислена личност „Љубиша Прелетачевиќ Бели“, освојувајќи околу 350.000 гласови, односно 9,42 отсто.
Мандатот на претседателот на Србија трае пет години.
news_share_descriptionsubscription_contact
