СКОПЈЕ (АА) - Гласноговорникот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, во својата колумна насловена „Од Сребреница до Сирија: ненаучените лекции“, за „Дејли сабах“, пишува: „Помина 21 година откатко се случи геноцидот во источна Босна, Сребреница, под надзор на ОН. Тоа беше неуспех на меѓународната заедница, од огромни пропорции, кој доведе до крваво убивање на повеќе од 8.000 бошњачки мажи и деца на начин што не е поразличен од геноцидот којшто германските нацисти за време на Bтората светска војна го извршија над Евреите“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Калин пишува дека слична човечка трагедија се случува и во шестгодишната војна во Сирија, која се одвива и во моментот, а меѓународната заедница, под надзор на ОН, Европа, САД и останатиот дел од светот, дозволи да се случи повторно.
„Она што ги поврзува најголемиот масакр во срцето на Европа по Втората светска војна, Сребреница, и смртоносната војна во Сирија, која во ова време се случува, е колективниот неуспех на меѓународната заедница да ги спречи војната, државниот тероризам и човечкoто страдање. Во јули, 1995 година, илјадници бошњачки семејства беа разделени од страна на српските вооружени сили под контрола на Ратко Младиќ, познат како 'Касапот на Босна'”, пишува Калин во колумната.
„Сребреница, на која ѝ беше кажано дека ќе биде безбедна под закрилата на ОН, требаше да биде една од трите безбедни области во источна Босна, заедно со Горажде и Жепа. Претставниците на ОН и друите официјални лица ја купија приказната на Србија, под изговор дека ќе помогнат во постигнувањето на мировен договор. Но Србите јасно дадоа до знаење дека посегнуваат по отворениот повик на Радован Караџиќ за „етничко чистење” на босанските муслимани. Францускиот генерал Филип Морилон на цивилите што побегнаа во Сребреница им вети дека се безбедни и дека ОН никогаш нема да ги напушти. Но, во исто време, лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ, во српското Собрание рече дека во Сребреница ќе биде 'крв до колена' кога српските сили ќе влезат во градот“.
Во колумната Калин потсетува на она што, како што пишува, навистина се случи во Сребреница – уништување на босанското муслиманско население во цела источна Босна.
„И тоа е она што навистина се случи. Додека со српските политички лидери се ракувaa ОН, европски и американски официјални претставници во удобни сали низ европските главни градови, српската војска беше поблиску до остварување на својата не толку тајна цел на уништување на босанското муслиманско население во цела источна Босна. Во останатиот дел од земјата, илјадници умираа под српскиот минофрлачки и снајперски оган, од една страна, и кршењето на ембаргото за оружје од друга страна“.
Меѓу другото, Калин наведува дека е утврдено оти најмалку две разузнавачки служби од пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН знаеле дека српската војска ќе ги убие сите цивили што се во безбедносната зона на ОН, а припадниците на мисијата на ОН месец или два пред геноцидот во Сребреница предупредувале на можни страшни злосторства, но дека во ОН и тие предупредувања биле занемарени. Според Калин, како последица на таа пасивност се случи страшен геноцид и испишана е најтемната страница во историјата на модерна Европа, кој не смее никогаш да се заборави од страна на Европа, ОН и целиот свет.
„Дали ги научивме лекциите од геноцидот во Сребреница и од босанската војна? Судирите и злосторствата што во светот се случија оттогаш-досега, наметнуваат негативен одговор. Дали одговорните за ова големо злосторство против човештвото се донесени пред лицето на правдата?" прашува Калин.
„Повторно, одговорот е на некој начин двосмислен. Милошевиќ почина во затвор во 2006 година, Караџиќ е обвинет за геноцидот и Младиќ е заробен по 14 години бегство, и ја чека својата пресуда. Можеби правдата е донесена. Но, вистинската морална и политичка лекција од геноцидот во Сребреница е да бидеме сигурни дека ваквите гадотии повеќе нема да се повторат. Но, по две децении од геноцидот во Сребреница и денес се случуваат слични злосторства во Сирија, во која режимот на претседателот Башар ал Асад ги крши сите меѓународни прописи и договори и извршува воени злосторства и злосторства против човештвото во кои се убиени илјадници луѓе", предупредува гласноговорникот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин во својата колумна, наведувајќи дека меѓународната заедница не треба само немо да го набљудува страдањето на сирискиот народ, исто како што тоа беше случај и во БиХ.
„Меѓународниот систем, кој би требало да ги штити цивилите заради зачувување на политичката рамнотежа, само немо набљудува и не зазема став, и покрај страдањето и отворените закани за истребување на сирискиот народ. Сите меѓународни институции од ОН до НАТО, во Сирија ги повторуваат грешките што ги правеа во Босна. Додека бесконечните иницијативи и преговори за сценариото за спречување на војната во Сирија траат, на средиштето на таа војна се убива еден народ и се руши една држава“.
Минатата година, Мухамед Шаќирбеј, поранешниот министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Наџиб Гадбиан, специјален претставник на САД и ОН за сириската опозиција, повлекоа паралели помеѓу војните во Босна и во Сирија и тврдеа дека зоната на забранети летови во Сирија ќе ги спаси животите и ќе помогне да се стави крај на конфликтот. Тие кажаа дека интервенцијата во Босна спасила животи. Го потисна екстремизмот и конечно го доведе конфликтот до крај", потсетува Калин во колумната. Тој пишува дека интервеницјата – во форма на зона на забранети летови – би можелa слично да придонесе за Сирија со запирањето на она што е сега „главниот убиец на сириските цивили: барел бомбите на Асад“.
„Читајќи го ова, веднаш асоцира на темната страна на безбедните зони во источна Босна. Но, да не се праи ништо и да се повторува она што се покажа како празен и скап процес во Сирија, исто така не претставува решение. Повеќе од 8.000 животи во Сребреница и многу други во останатиот дел од Босна би можеле да бидат спасени доколку меѓународната заедница постапеше поинаку во 90-тите. Слична трагедија се одвива и во Сирија. Уште колку луѓе ќе мора да умрат пред да се каже со чиста совест дека по две децении, научивме лекци ја или две од Сребреница?" истакнува гласноговорникот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, во својата колумна.