САРАЕВО (АА) - Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, во разговор за Anadolu Agency (АА) изјави дека не очекува големи промени во односите меѓу Сараево и Белград по претседателските избори што ќе се одржат в недела во Србија.
„Напротив, очекувам во двете насоки да се задржи истиот ритам, но тоа значи развој на односите меѓу БиХ и Србија во позитивна насока и со новиот претседател, а исто така и развој на добрите односи, цврстите односи кои се дефинирани со Дејтонскиот договор меѓу Србија и Република Српска“, рече Црнадак.
Тој зборуваше и за иднините односи меѓу Босна и Херцеговина и Србија, односно приоритетите на соработката.
„Ако се цени според последната заедничка седница на Советот на министри на БиХ и Владата на Србија и според многу динамичните односи меѓу Србија и Република Српска, очигледно животни прашања ќе бидат инфраструктурните проекти, енергетските проекти, оние работи кои заеднички придонесуваат за подобар живот и во Србија и во Босна и Херцеговина. Исто така, очекувам во преден план да биде и соработката на полето на европските интеграции. Пред сè, тоа нам многу ни значи со оглед на тоа што Србија оди неколку чекори напред“, наведе Црнадак.
Министерот за надворешни работи на БиХ смета оти идејата на српскиот премиер Александар Вучиќ, за формирање царинска унија на Западен Балкан е добра.
„Мислам дека тоа ќе помогне за поголем економски и инвестициски потенцијал на целиот регион. Мислам дека критиките што сме ги слушнале за тоа оти станува збор за обид за доминација на Србија не се основани и дека сите можат да имаат корист за еден период додека целиот регион не се најде во ЕУ. Но ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Логично, тоа би било невозможно да се направи доколку сите тие не се за, но се надевам дека здравиот разум ќе преовлада и дека ќе имаме некој вид дополнително институционално зајакнување, кога станува збор за заедничкиот пазар“, вели Црнадак.
Советот на министрите на БиХ, на последниот состанок го утврди предлогот за преговорите за склучување договор меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Македонија за условите за патување на граѓаните на двете земји.
Договорот им овозможува на граѓаните на Босна и Херцеговина и на Македонија меѓусебен безвизен режим до 90 дена, во период од шест месеци, со валидни патни документи или со важечка биометриска лична карта на сите гранични премини за меѓународен сообраќај. Граѓаните на двете земји кои имаат намера да останат подолго од 90 дена на територијата на една од државите, го регулираат својот престој во согласност со законите на земјата. Предлогот ќе биде доставен до Претседателството на Босна и Херцеговина.
Црнадак зборуваше за важноста на договорот за премин само со лична карта меѓу Босна и Херцеговина и Македонија.
„Се разбира дека е важно секое поедноставување на движењето на луѓето и капиталот и мислам дека поради тоа е важна одлуката што Советот на министрите на БиХ ја усвои за влез во преговорите за склучување договор со Македонија, со што граѓаните ќе можат да патуваат без пасош, само со лична карта. Тоа би значело дека луѓето од Скопје ќе можат до Сараево и до Бања Лука да одат само со лична карта, бидејќи идентичен таков договор имаме и со Србија. Мислам дека ова е една многу позитивна работа, која придонесува за градењето добра атмосфера во регионот“, рече Црнадак.
Тој вели дека е тешко да се каже кога договорот може да стапи на сила.
„Сега имаме конечно усогласување на текстот со македонската страна, по што следи ратификација од Претседателството на БиХ и од Парламентарното собрание на БиХ, а веднаш потоа договорот ќе стапи во сила“, вели Црнадак.
Сo реализација на овој договор во Западен Балкан ќе се воспостави мини-шенген зона со оглед на тоа што граѓаните на Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија, но и Албанија ќе бидат во можност да патуваат, главно, со лична карта. Кога станува збор за Босна и Херцеговина, останува само проблемот со патувањето во Косово, каде што сѐ уште важи визниот режим. Црнадак зборуваше за тоа кога може да се очекува либерализација на визниот режим меѓу Босна и Херцеговина и Косово.
news_share_descriptionsubscription_contact


