Zülfiya Yakup
23 ноември 2015•Ажурирај: 24 ноември 2015
ПРИШТИНА (АА) – Премиерот на Косово, Иса Мустафа, побара денес на состанокот на Советот за безбедност да се заоштрат мерките за безбедност на сите државни институции со цел да бидат подготвени за евентуални форми на насилен екстремизам, тероризам и организиран криминл.
Мустафа тоа барање го образложи со тоа дека денес тероризмот е реална опасност за граѓаните на Европа и пошироко и потсети дека Косово е активен дел од глобалната алијанса против тероризмот и насилниот екстремизам и дека има свои одговорности во таа заедничка борба, соопштено е од Владата на Косово.
Претставници на безбедносните институции, кои присуствуваа на состанокот, изјавија дека се зголемени безбедносните мерки и оперативната подготвеност, патролите на јавните места, во државните институции на централно и локално ниво, во дипломатските мисии и резиденции, главните патишта, мултиетничките средини, верските објекти, образовните и културни објекти, како и во други средини каде што се движат млади.
Косовската полиција ја повика јавноста да биде повнимателна и кога ќе може да ги избегнува прометните места, како што се концертите, спортските настани, ноќните клубови, автобуските станици или трговските центри.