Sibel Vezaj
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - На покана на високиот претставник на Европската Унија, Федерика Могерини, во Брисел се одржа вториот состанок на високо ниво меѓу делегациите на Косово и на Србија, составени од претседателите и премиерите на двете соседни земји. Целта на оваа средба е намалување на тензиите и нормализација на дијалогот меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот состанок високиот претставник Могерини го одржа со делегацијата на Косово, односно со претседателот Хашим Тачи и со премиерот Иса Мустафа. По овој состанок, Могерини оствари средба со српскиот претседател Томислав Николиќ и со премиерот Александар Вучиќ.
По одделните состаноци, страните одржаа заеднички состанок на една работна вечера.
Могерини преку соопштение изјави дека на денешната средба продолжиле дискусиите од претходната средба, одржана на 24 јануари.
„Јас сум охрабрена од конструктивната посветеност на двете страни. Ваквата политичка ангажираност и посветеност ќе придонесат за намалување на тензиите и ние ќе продолжиме да работиме во тој дух“, вели Могерини.
Могерини истакна дека процесот на дијалогот е од големо значење и за регионот и за ЕУ и додаде: „Напредокот во нормализацијата на односите е клучен за одржување на мирот и за напредок кон Европската Унија. Тоа е од суштинско значење за стабилноста во регионот и во Европа“.
Како што е наведено во соопштението, страните ја потврдиле својата целосна посветеност за соработка во дијалогот.
Инаку, првиот состанок на високо ниво во Брисел за нормализирање на дијалогот Косово – Србија се одржа минатата недела, на 24. јануари, по тензиите со возот од Белград, како и апсењето на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај со налог издаден од страна на Србија. По состанокот, страните се согласија околу намалувањето на тензиите и за интензивирање на ваквите состаноци на високо ниво.