БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Белград изјави дека проектот за автопат меѓу главните градови на БиХ и Србија, треба колку што е можно побрзо да се реализира, јавува Anadolu Agency (AA).
„Денес одржавме многу корисни состаноци, а ќе имаме можност да се обратиме и пред бизнисмените, од кои дел веќе работат во Србија, а дел од нив тукушто стигнаа и се кандидати за инвестирање во Србија. Се работи за докажани, успешни и активни бизнисмени. Верувам дека нивните чекори ќе помогнат во развојот на Србија“, изјави Ердоган зборувајќи за денешниот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претседателот на Турција му се заблагодари на Вучиќ за дочекот на аеродромот „Никола Тесла“, кој синоќа беше организиран со министрите од Владата на Србија.
- Трговската размена ќе се искачи на три милијарди долари -
Ердоган потсети дека пред седум години во Србија престојувал како премиер, а денес во Белград како претседател, придружуван од десет министри и голем број бизнисмени.
Турскиот претседател изјави дека не може да ја заборави поддршката на српскиот претседател за време на неуспешниот обид за пуч, кој минатата година во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО.
Ердоган изрази уверување дека обемот на трговската размена меѓу Турција и Србија до крајот на тековната година ќе изнесува милијарда долари, но тоа го оцени за недоволно и рече дека таа цифра би требало да се искачи на три милијарди долари.
Ердоган потсети дека Турција за 15 години изградила 19 илјади километри патишта, а бројот на аеродромите од 25 е зголемен на 57. „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс), како што рече Ердоган, сега е авикомпанија со најмногу дестинации, најмногу точки до кои лета, повеќе од сите авиокомпании на светот.
Претседателот на Турција укажа на значењето на проектот за изградба на автопат помеѓу Белград и Сараево.
„Ќе има и такви кои нема да го оценат како добро зближувањето на Турција и Србија, но ние ќе продолжиме со соработката. Правиме заеднички чекори за да решиме некои проблеми во сите делови на Балканот. На пример, патот од Белград до Сараево треба да го изградиме колку што може побрзо. Зошто? Бидејќи се патишта на цивилизацијата“, појасни Ердоган.
Зборувајќи за проектот „Турски тек“, Ердоган изрази очекување тој да се реализира и во врска со делот кој се однесува на Србија, а напомена и дека смета оти и рускиот претседател Владимир Путин има позитивно мислење во врска со ова прашање.
Претседателот на Турција потсети дека денес меѓу двете земји се потпишани 12 договори, и најави дека ќе бидат потпишани уште четири утре, за време на посетата на Нови Пазар.
„Нови Пазар е место што може да биде мост меѓу двете земји и тамошните граѓани ќе ги потсетиме на тоа. Ќе ја нагласиме потребата за зачувување на целоста и јакнење на внатрешната соработка меѓу сите граѓани“, изјави Ердоган.
- Суспензија на издавањето на визи меѓу Турција и САД
Турскиот претседател изјави дека прекинот на издавањето визи меѓу Турција и САД не е дело на Турција, туку на САД.
По состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, Ердоган на заедничката пресконференција и на прашањето на новинарите коментираше во врска со саботниот прекин на издавањето визи на американските претставништва во Турција, на што Турција одговори со иста мерка.
„Првенствено, сакам да истакнам дека Турција не го започна тој проблем, туку САД. Особено е интересен фактот што функционерите на САД немале никаков состанок со нашиот министер за надворешни работи за тоа прашање. На размислување наведува и тоа што американскиот амбасадор во Анкара излезе и рече дека ја донел таквата одлука и дека истата донел во името на својата држава“, рече Ердоган.
Потегот на американската амбасада следуваше по приведувањето на еден службеник на американскиот конзулат кој се обвинува за врски со терористичката мрежа на ФЕТО и за помагање на пребеганите во текот на минатогодишниот обид за државен удар во Турција.
„Прашањето е како двајцата агенти успеале да влезат и да се скријат во американскиот конзулат во Истанбул. Ако сами не се скриле, кој тогаш ги внел? На тие прашања мора да се одговори. Државите не можат да дозволат дејствување на такви шпиуни кои се закана одвнатре“, рече Ердоган.
Ердоган, исто така, најави дека ниту тој, ниту министрите и челникот на турскиот Парламент, нема да го примат американскиот амбасадор Џон Бас на проштална посета по повод завршувањето на неговото водење на американската дипломатска мисија во Анкара.
„Не го примивме и нема да го примиме бидејќи не го сметаме за претставник на САД во Турција. Тоа сакам јасно да го порачам“, рече Ердоган.
Укажувајќи на тоа дека не е јасно дали одлуката за запирањето на издавањето визи самостојно ја донел амбсадорот Бас, Ердоган рече дека највисоките инстанци на американските власти треба да преиспитаат кој и зошто стои зад тоа, и да го разјаснат тој случај.
„Некој од моите амбасадори да направи нешто слично, ниту еден час не би се задржал на тоа место“, заклучи Ердоган.
Ердоган денес во Белград ќе присуствува на деловниот форум на Србија и Турција, а утре ќе го посети Нови Пазар.