Форумот на Бошњаците во Република Северна Македонија во Скопје организираше комеморативен настан по повод одбележувањето на геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Настанот започна со едноминутен молк и молитва за жртвите, со присуство на академик Ферид Мухиќ; градоначалникот на Oпштина Чаир, Висар Ганиу; градоначалникот на Oпштина Петровец, Борче Митевски; претставници на граѓанските бошњачки здруженија во земјава, како и сегашни и поранешни пратеници во Парламентот на Косово.
Во својот говор, академик Ферид Мухиќ ја истакна важноста на одбележувањето на геноцидот во Сребреница, истакнувајќи ги и обидите за минимизирање и негирање на геноцидот во Сребреница.

„Овде сакам да разјаснам во врска со едно прашање што го минимизира тој проблем на одговорност и на некој начин го сведува геноцидот на природна појава, катастрофа, катаклизма. 'Се случи геноцид'. Не се случи! Како не се случи, за што зборувам јас сега? Велам дека не се случи како што се случуваат работите, како катастрофи, како поплави, како земјотреси, како пожари, како цунами. Овие (катастрофи) се случуваат, ова (геноцидот) не се 'случи', ова е организирано, смислено, проектирано“, рече Мухиќ.
Исто така, тој укажа и на погрешната употреба на терминот „страдал“ кога се однесува на жртвите на геноцид.
„Во геноцидот 'страдаа' 8.372 (лица). Тие не страдаа, никој не страдаше! Тие беа убиени! (Луѓето) страдаат во земјотрес, во цунами, во пожар. Овие се убиени намерно и свесно“, појасни Мухиќ.
Говор имаше и градоначалникот на општина Чаир, Ганиу, кој зборуваше за соживотот на сите етникуми во општината која ја предводи, додавајќи дека тоа им го пренел на босанските власти за време на неговата неодамнешна посета на главниот град на БиХ, Сараево.

„За време на мојот престој таму, го информирав членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, дека наскоро ќе го инаугурираме споменикот посветен на Сребреница, кој ќе се наоѓа во срцето на нашата општина. Тој ми се заблагодари што преку овој гест ќе дадеме важен придонес за зачувување на споменот на жртвите од геноцидот во Сребреница“, рече Ганиу.
Тој ги повика присутните на комеморацијата да учествуваат на утрешниот марш во Скопје, со кој ќе се одбележи 11 јули – Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Сличен говор имаше и градоначалникот на општина Петровец, Митевски, општина населена со значителен број Бошњаци.
Исто така, говори одржаа и бошњачки пратеници од Косово, нагласувајќи ја важноста на резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница, која неодамна беше усвоена од Собранието на Косово.
Потсетуваме, низ годините наназад Бошњаците во Северна Македонија со низа информативни и културни настани се присетуваат на жртвите од геноцидот во Сребреница во кој се убиени 8.372 лица.news_share_descriptionsubscription_contact
