Fatjon Cuka
12 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
ТИРАНА (АА) - Бројот на лица заразени со новиот коронавирус (Ковид-19) продолжува да се зголемува во Албанија, додека тестирањето и следењето на осомничените продолжува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство и социјална заштита потврди дека по тестирањето што е извршено досега, 23 случаи биле позитивни на Ковид-19, вклучувајќи ја и првата жртва што го изгуби животот на 11 март.
„Во текот на последните 24 часа, тестирани се 145 случаи на Ковид-19, а вкупно досега се тестирани 298 случаи. Досега, 23 случаи биле позитивни на Ковид-19. Петмина се наоѓаат во Инфективната болница во Тирана. Нивната состојба е стабилна до овој момент. Другите 18 случаи кои резултираа позитивно, се самоизолираа дома без особени проблеми“, се вели во соопштението на Министерството.
Бројот на случаи потврдени со Ковид-19 по градови е следен: 16 во Тирана, три во Драч, два во Елбасан и по еден во Лушње и Рогожина.
Албанија досега има преземано различни мерки против вирусот.
Полициските патроли во соработка со воените патроли се распоредени на контролните пунктови во неколку градови низ целата земја, како дел од мерките за спроведување за да се спречи ширењето на Ковид-19.
Како дел од дополнителните мерки, албанскиот премиер Еди Рама денеска на социјалните мрежи соопшти дека од денеска напладне нема да има градски превоз во Тирана и Драч, без да прецизира рок, но дека ќе има превоз за лекари и медицински сестри.
Исто така, Рама рече дека сообраќајот на приватни возила и на оние за меѓуградски транспорт на релацијата од Тирана и Драч кон другите области и обратно, како и сообраќајот на приватни возила од Тирана и Драч и сообраќајот на приватни и на оние за градски превоз во Скадар, Лежа, Лушње, Фиер и Валона,??
Институциите во земјата презедоа неколку други мерки, вклучително и затворањето на сите барови, ресторани и клубови, првично во Тирана и Драч, како и затворањето на национално ниво на места како што се ноќните клубови, дискотеките, спортските центри, базените, културните центри и суспендирањето на судската активност и услуги.
Низ целата земја во државни и приватни образовни институции, наставниот процес е прекинат до 23 март.
Како дел од мерките за затворање на образовните институции, наставата во училиштата на Фондацијата „Маариф“ во Албанија продолжуваат интерактивно преку интернет.
Исто така, за државните образовни институции, државните институции презедоа мерки за да понудат настава преку интернет или телевизиски платформи.
Во меѓувреме, албанскиот Парламент ја откажа и денешната пленарна седница, а Албанскиот совет на министри до 23 март 2020 година одреди слободен ден за еден од родителите на децата кои се државни службеници и други вработени во јавната администрација на централно и локално ниво, како и во други државни институции. Во меѓувреме, услугите на шалтерите низ институциите нема да функционираат доколку тие се достапни преку интернет.
Албанија исто така ги суспендира сите летови и поморскиот транспорт од Албанија кон Италија и обратно. Оваа одлука, според Министерството за инфраструктура и енергетика, влијае само на патничкиот превоз, бидејќи трговскиот транспорт и товарните летови ќе продолжат нормално.
Исто така, Албанската фудбалска федерација ги прекина сите фудбалски активности до второ соопштение.