Fatjon Cuka,Furkan Abdula
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
ТИРАНА (АА) - Компанијата „Тургут Озал едукејшн“ (Turgut Ozal Education), поврзана со терористичката организација ФЕТО во Албанија, е под истрага поради перење пари, а случајот е проследен до Обвинителството во Тирана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми наведуваат дека полицијата ја пребарала компанијата која управува со некои образовни институции во земјата и дека зела изјави од некои највисоки раководители во тие училишта.
Истражителите сметаат дека компанијата не го прикажала законски купувањето на некои недвижнини во земјата, а сите документи на компанијата во последните денови ги проверила даночната управа.
Истакнато е дека Одделот за истрага на финансискиот криминал при полицијата во Тирана пред неколку дена зел изјави од новите сопственици на образовните установи поради сомнителните трансакции при купопродажбата на недвижнини во последните три години. Наведено е дека трошоците не се совпаѓале со бројот на ученици.
Констатирано е дека истрагата е започната откако е потрошен износот од 10 милиони долари добиен со продажба на акциите на компанијата, а двајца турски државјани кои биле на списокот сведоци ја напуштиле Тирана пред три месеци.
Наведено е и тоа дека се земени изјави на четири лица во рамките на истрагата за финансиски криминал.
Локалните медиуми наведуваат дека Одделот за истрага на финансискиот криминал и Управата за спречување на перење пари подготвува финансиски извештај за десетина сомнителни трансакции, како финансирањето на тероризмот, обемот на банковните плаќања и финансискиот извештај за турските државјани Рахми Тоздуман, Давут Ханџиоглу, Аднан Хосослу и Јакуп Арслан, кои се поранешни сопственици на Колеџот „Тургут Озал“.
Според локалните медиуми, од компанијата „Тургут Озал едукејшн“ е наведено дека компанијата неодамна била контролирана од даночната управа, но дека не се откриени неправилности.
Во Албанија постојат осум образовни установи, вклучувајќи градинка, основно училиште, средно училиште и универзитет, со кои управува „Тургут Озал едукејшн“.
Терористичката организација ФЕТО дејствува во Албанија со посредство на установата „Сема фондејшн“ (Sema Fondation), која во соработка со Исламската заедница на Албанија ја презеде управата во повеќе медреси низ земјата.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.