Abdula Berisha
28 Јануари 2025•Ажурирај: 30 Јануари 2025
СКОПЈЕ (АА) - Бошњачкиот демократски сојуз реагираше по средбата остварена меѓу вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците на Северна Македонија, Иван Стоиљковиќ, и претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, пренесува Анадолу.
Според соопштението испратено од Бошњачкиот демократски сојуз на Северна Македонија, Стоиљковиќ и Додик се сретнале во просториите на Министерството, и покрај тоа што Додик е на црната листа на САД „поради неговите геноцидни политики и корупција“.
„Ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница со што се поставува прашањето дали оваа влада воопшто негува европски вредности во контекст на почитување на човековите права и слободи и цивилизациски вредности утврдени со меѓународните акти, врз основа на кои се осудени одредени лица, а со чија глорификација и говор на омраза Додик направи и сѐ уште ја одржува својата политичка кариера! Ова сериозно ја доведува во прашање нашата стратегија за европска интеграција и меѓународните односи“, стои во реакцијата на Бошњачкиот демократски сојуз.
Реагираше и опозициската Демократска унија за интеграции (ДУИ), според која, Додик е „продолжена рака на Владимир Путин, кој работи за поделба на Босна и Херцеговина и човекот кој го величи масакрот во Сребреница“.
Имено, вчера во Македонскиот народен театар во Скопје се одржа Светосавската академија на која покрај Додик, присуствуваа и српските министри за одбрана Братислав Гашиќ и за култура Никола Селаковиќ. Од Црна Гора, присутен беше претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ.
На прославата беше и српскиот патријарх Порфириј и рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздники.